Влада: Одлуката на Уставен не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на функционерите за 78 проценти

„Одлуката на Уставниот суд со која се укинуваат одредби од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица е конечна и треба да се почитува. Но, тоа не значи дека автоматски ќе се зголемат платите на сите именувани лица за 78 проценти како што шпекулира дел од јавноста“, велат од Владата на прашање од МИА за одлуката на Уставен.

„Напоменуваме дека досегашното ‘замрзнување’ на основицата беше всушност владин став изминатиов период и од страна на Владата истиот е бранет како став пред Уставен Суд, а која со одлука на Уставен истата практично се укинува. Министерството за труд и социјална политика во рамките на своите овластувања има дадено негативно мислење за иницијативата за промена на членовите од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица до Уставниот суд со кое го потврдува ставот на Владата дека законското решение за плати не треба да се менува. Така што, намерата на Владата била и сѐ уште е јасна, а тоа е фер и праведно платена работа за сите чинители во општеството“, наведуваат од Владата.

Иако основицата за пресметување плата согласно одлуката на Уставниот суд се зголемува, Владата конкретно ги разгледува можностите за намалување на коефициентите за пресметка на плата кај именуваните лица за кои има законска можност, а со цел да не се оптовари буџетот, велат од „Илинденска“ и истовремено апелираат и до останатите чинители да го направат истото, во рамките на своите законски овластувања.

„Воедно, апелираме и да не се шпекулира и да се прибегнува кон популистичка реторика и активности, да се разговара реално и со факти“, се подвлекува во одговорот од владината прес-служба.

Дополнително, информираат, во моментов се работи на решение за Општ колективен договор и Закон за плати со кој ќе се направи системско решение за платите во јавниот сектор и ќе се обезбеди континуиран раст согласно утврдена методологија.

„Во моментов и минималната и просечната плата како и висината на пензиите е на највисоко ниво досега и ние и понатаму ќе работиме и на зголемување на платите и пензиите, но и на намалувањето на трошоците за живот, со цел да обезбедиме повисок животен стандард за граѓаните. Секој граѓанин треба да живее достинствено и да е му се вреднува трудот согласно квалификациите, обемот и комплексноста на работата која ја работи или работел“, се вели во одговорот од Владата.

Извор: МИА

- Реклама -