Влада: Просечната нето-плата во јуни се зголеми за 10.9 проценти и достигна 31.869 денари

„Владините мерки даваат позитивни резултати во континуирано зголемување на просечната месечна нето-плата“, велат од Владата откако последните податоци на Државниот завод за статистика покажаа дека во јуни годинава просечната нето-плата по вработен достигнала 31.869 денари, што е за 3.125 денари повеќе од лани истиот месец.

„Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека зголемувањето на просечната месечна нето-плата за 10,9 отсто во јуни годинава, се должи пред се на растот на платите во секторите: Објекти за сместување и сервисни дејности со храна каде што е регистриран раст на нето-платата од 23,1%, Уметност, забава и рекреација со 17,5% раст на просечната нето-плата и во секторот Трговија на големо и трговија на мало растот на просечната месечна нето-плата е 16%“, се наведува во соопштението.

Прочитајте и:  Просечната нето плата во септември 41.585 денари

Ваквиот тренд на континуирано зголемување на просечната нето плата во земјата, велат од Владата, е резултат на економските мерки и политики што таа ги спроведува за раст на просечната и на минималната плата која, потсетуваат, изнесува 18.000 денари.

Владата продолжува со креирање на мерки и на амбиент за повисоки стапки на економски раст и раст на приходите на сите граѓани, со цел да се унапреди животниот стандард на граѓаните, особено во услови на криза, додаваат од „Илинденска“ бр. 2.

- Реклама -