Владата демантира дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ била спречена: Тие станаа од сред изведба на „Тешкото“

Од Владата демантираат дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ била спречена да дојде на Македониум, како што изјави за медиумите од Мечкин Камен потпретседателот на опозициската партија – Александар Николоски.

„Почитувајќи го големиот национален празник делегација голема на ВМРО-ДПМНЕ како што гледате позади мене е тука да оддаде почит, но очигледно на власта не и се допаѓа постоењето на ВМРО-ДПМНЕ и затоа утрово бевме спречени да положиме венец на Споменикот Македониум на гробот на Никола Карев а исто така ни беше оневозможено да се упатиме и кон Слива и моравме во приватна организација да одиме на двете места. Доаѓајќи овдека очигледно од организирани партиски луѓе исто така не бевме удостоени со соодветен пречек и прв пат се наруши традицијата која што секогаш била а тоа е опозицијата да е во првиот ред на прославувањето на Илинден“, рече Николоски.

Од владата тврдат дека испратиле уредни покани до целата јавност и до сите политички партии за настаните за Илинден во Крушево, како и дека ВМРО-ДПМНЕ беа уредно известени за сите организациски детали, при што од нивна страна стигнала потврда за учество.

„На 31 јули 2019 во 21:36 сите делегации имаат добиено мејл со сите логистички информации поврзани со положувањето цвеќе на сите три локации (Македониум, Слива, Мечкин Камен) со понуда за организиран превоз. На 1 август во телефонски разговор најавија дека ќе потврдат учество, после што испратија информација за делегација со нагласување дека нема да користат организиран превоз и кои се возилата со кои ќе пристигнат. За жал не се појавија да оддадат почит на гробот на Никола Карев на Македониумот“, велат во демантот од Владата, во кој обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ шири дезинформации во обид да го оцрни Илинден, кој, како што велат, постои за да обединува, а не за да дели. Тие посочуваат дека и распоредот на седење на Мечкин Камен е по стандарди на протокол, при што во трет и четврт ред се сместени сите политички партии, вклучително и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Според Николоски, меѓутоа, во програмата што ја добиле, почетокот бил наведен од 9 часот, но, како што тврди тој, намерно е преместен во 8.30 часот, без да ги информираат. Николоски обвини и дека биле спречени од полицијата, од која добиле образложение дека ниту едно возило освен возилата околу премиерот не смеат да се движат. Тој посочи дека спречени биле и членовите на семејството Кареви, што го оцени како срамен чин.

Од Владата, пак, обвинуваат дека делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ станала од сред настап на ансамблот „Танец“ при традиционалната илинденска изведба на „Тешкото“, само за да одржи прес-конференција на која се изнесени наведените, според нив, дезинформации.

- Реклама -