Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на комисијата, но ја напушти во 2021 година тврдејќи дека имало политички притисоци во нејзиното работење. Имено, тој во соопштението за оставката, обвини дека висок функционер на МНР се мешал во стручната работа. Ѓорѓиев во изјава за медиумите посочи и дека без негова согласност е прифатена промена на учебник по историја, во делот за Самуил
Владата на затворена седница го избрала новиот состав на Комисијата за историски прашања со Бугарија, јавуваат повеќе медиуми. Според нив, за претседател е назначен Ванчо Ѓорѓиев, професор на Факулетот за историја во Скопје. Во новата комисија нема да биде досегашниот претседател Драги Ѓорѓиев, кого премиерот Христијан Мицкоски го обвини дека не ги штител доволно националните интереси.
Ванчо Ѓорѓиев порано беше член на комисијата, но ја напушти во 2021 година тврдејќи дека имало политички притисоци во нејзиното работење. Имено, тој во соопштението за оставката, обвини дека висок функционер на МНР се мешал во стручната работа. Ѓорѓиев во изјава за медиумите посочи и дека без негова согласност е прифатена промена на учебник по историја, во делот за Самуил.
„Раководејќи се од професионалниот интегритет и личните принципи, ја известувам македонската јавност дека од денес, 22.10.2021 година, ја напуштам работата во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања“,
наведе Ѓоргиев на почетокот на оставката.
Од Владата тогаш изјавија дека во ниту еден момент ниту се мешале, ниту имале било какво политичко влијание во работата на Комисијата, туку, напротив, секогаш ја поддржувале нивната работа, како научници кои сами, заеднички двете страни, ги утврдиле своите принципи на работа.
„Категорично отфрламе било каква инсинуација дека имало какво било влијание на одлуката на професорот Ванчо Ѓорѓиев да го прекине својот ангажман како член на Комисијата од страна на Владата или било која нејзина институција. Поаѓајќи од начелото на целосна независност и слобода во работата на Комисијата, секој член на нашиот дел од Комисијата има право да донесе одлука во врска со понатамошното учество. Во случајот за професорот Ванчо Ѓорѓиев ја информираме јавноста дека само пред една недела професорот Ѓорѓиев го потпиша со слободна волја договорот за продолжување на неговиот ангажман како член на Комисијата“,
соопштија од Владата.
Реагираа и од македонскиот дел на Мултидисциплинарната експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија од каде посочија дека се изненадени од тврдењата на Ѓорѓиев.
Во новиот состав на комисијата, како што објавија дел од медиумите, е и историчарот Александар Литовски. И тој беше член на историската комисија во периодот 2018 до 2020 година. Вработен е во Институтот за национална историја и ја истражува новата историја.
Други членови на комисијата се: Митко Панов, историчар од Институтот за национална историја; Никола Минов, професор по историја на Филизофскиот факултет; Сашо Додевски, насловен доцент од Институтот за историја на Филозофскиот факултет; Бесник Емини, историчар од Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје; и Димитар Љоровски, историчар, вработен во Институтот за национална историја.