Владата го ограничи буџетот на функционерите за угостителски услуги, секое пречекорување ќе го плаќаат од џеб

По предлог на вицепремиерот за борба против корупција – Љупчо Николовски, Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Одлуката за начинот на користење и висината на финансиските средства за угостителски услуги.

Како што велат од Владата, со ваквата одлука за првпат се ограничуваат трошоците за услуги во угосителски објекти во државата при одржување на работни состаноци, при што точно е определен износот што може да се користи по лице присутно на работниот состанок, а ограничувањето на износот е во зависност од функцијата на лицето коешто го организира работниот состанок.

Со одлуката се опфатени премиерот, вицепремиерите, министрите, замениците министри, генералниот секретар на Владата и неговиот заменик, државни секретари, сите директори на институции, како и лицата избрани и именувани од Владата кои раководат со правните лица основани од државата.

„Целта на одлуката е истата да биде дополнителен механизам во ограничувањето и регулирањето на трошењето на буџетските средства, а предвидени се и соодветни контролни механизми и евиденција за реализираните угостителски трошоци што ги направил одреден функционер за одржување на работен состанок.

Прочитајте и:  Околу 30 автобуси возат низ Скопје, граѓаните револтирани, вонредни седници на Владата и на Советот на Град Скопје

Конкретно, при плаќањето, без разлика дали е со фактура, во готовина или со службена картица, функционерот до секторот за финансии во институцијата, задолжително мора да приложи и детален извештај за целта на работниот состанок, бројот на присутни лица, време, место и датум кога истиот се одржал.

Без овие документи, Секторот за финансии во државниот орган нема да изврши исплата на угостителските трошоци

Во случај на пречекорување на дозволените лимити за угостителски трошоци, лицата кои го сториле пречекорувањето ќе мора да го надоместат пречекорениот износ на финансиски средства, најдоцна во рок од три работни дена од денот кога се одржал работниот состанок“, објаснуваат од Владата.

Освен ова, а во насока на зголемена транспарентност и отчетност, се обрзуваат државните органи остварените трошоци за угостителски услуги да ги објавуваат јавно на веб страните на институциите.

Во случај на непочитување на одредбите од оваа Одлука, се применуваат мерките од член 23 од Кодексот за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата.

- Реклама -