На денешната 4-та владина седница се дискутирало и за последниот инцидент со говор на омраза предизвикан од навивачка група на плоштадот „Македонија“ во Скопје, при што Владата донесе заклучок со кој најостро го осудува навивачкото поведение со кое се предизвикува омраза, раздор и нетрпеливост врз етничка основа, информираат од Владата.
Оттаму велат дека МВР презема соодветни активности за расчистување на делото, за што соодветно ќе ја информира јавноста. Истовремено, Владата го повикува Јавното обвинителство проактивно да делува во рамките на своите надлежности и да постапи за случајот.
„Владата апелира до сите навивачки групи и до сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини, што е казниво согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и согласно Кривичниот законик“, велат од Владата.
Синоќа инцидентот го осуди и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Артан Груби, кој порача дека за такво однесување нема место во „нашето ново рамноправно општество“.