Владата ја проследи предлог-преговарачката рамка до Собранието

Владата на Република Северна Македонија, на денешната 59-та седница, ја разгледа информацијата од Министерството за надворешни работи за предлог-преговарачката рамка за Република Северна Македонија со ЕУ, претставена од Француското претседателство со Европската Унија, информира владината прес-служба.

На седницата, Владата одлучи предлог-преговарачката рамка да ја проследи до Собранието на Република Северна Македонија на разгледување и донесување понатамошни заклучоци, согласно процедурите на Собранието на Република Северна Македонија, се вели во соопштението.

Дека ова може да се случи уште денеска, претходно најави првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи со заедниците – Артан Груби. Тој посочи дека Владата нема да одлучува за францускиот предлог, туку само ќе го проследи до Собранието.

„Владата нема да одлучи по однос на овие прашања без тие документи да дојдат во Собранието, да се усогласат и Собранието да ја заложи Владата да постапува по однос на тие документи“, рече Груби.

„Ние, како владејачко мнозинство, сметаме дека сите документи кои што се доставени од Брисел и сите билатерални документи кои што се усогласуваат со Софија треба да се поднесат во Собранието каде што парламентарните политички партии треба да отвораат конструктивен дијалог и да одлучуваат по овие документи и потоа да ја заложат Владата со заклучоци по однос на информацијата што ќе ја добијат да постапува“, додаде тој.

Груби посочи дека во заклучоците стриктно се забранува на оваа и на било која идна влада да донесе било каква одлука и да преговара по било какви услови по однос на историските, културните, јазичните особености на македонскиот народ, но и на сите други заедници во Република Северна Македонија.

Според првиот вицепремиер, во францускиот предлог не е содржан билатералниот протокол со Бугарија и  преговарачката рамка не задира во македонскиот идентитет и јазик и културна посебност. Тој истакна дека протоколот не е потпишан, туку е усогласуван веќе подолго време и тоа откако е потпишан Договорот за добрососедство на 1 август 2017 година.

„Јас нема да гласам за нешто што би го спорело македонскиот идентитет, култура, јазик, историска особеност. Јас ќе бидам првиот што ќе биде против и убеден сум дека ниту СДСМ, ниту премиерот Ковачевски, ќе дозволи да се усвојува било каков документ во било кое време во кој што се спори македонската особеност и во кој што има било какви елементи кои што ја ризикуваат оваа особеност. И знам дека никогаш ниту Ковачевски, ниту било кој друг министер од Владата, би донел одлука која што е во спротивност на интересите на Македонците, на Албанците и на другите заедници и на Северна Македонија како држава“, рече Груби.

Извор: МИА

- Реклама -