Владата прогласи 30-дневна кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија, Бектеши смета дека треба да има одговорност

Скопје, 9 ноември 2021 (МИА) – Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија во траење од 30 дена на барање на Комисија за проценка на енергетскиот сектор во државата, формирана од Министерството за економија.

Како што информираше министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција во Владата, одлуката е донесена врз основа на процената на Комисијата дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија врз основа на извештајот изготвен од МЕПСО за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година.

„Единствена цел на прогласувањето кризна состојба е подобрување на ликвидноста на енергетските компании за да можат континуирано да ги снабдуваат домаќинствата и да се стабилизира состојбата на пазарот со електрична енергија. Нема да има никакви рестриктивни мерки за граѓаните и компаниите“, рече Бектеши и додаде дека за таа намена на енергетските компании ќе им бидат трансферирани околу четири милијарди денари од Буџетот.

Владата во моментов, нагласи, е фокусирана на успешно справување со предизвиците настанати од глобалната енерегетска криза.

„За остварување на таа цел, вклучени се раководствата на сите компании од енергетскиот сектор и владини институции. Во моментов работиме на ставање во функција на сите енергетски капацитети со цел да го зголемиме домашното производство на електрична енергија и со тоа да спречиме поголеми ценовни шокови за домаќинствата и малите потрошувачи“, посочи Бектеши.

Прашан дали ќе има одговорност за состојбата, рече дека му е препорачано на Управниот одбор на ЕСМ да ја извести Владата за начинот на кој работела компанијата во сите подружници и согласно добиените информации, ако се утврди дека не е работено согласно плановите, Владата ќе препорача да преземе мерки.

Прочитајте и:  Меџити: Владата повторно ќе излезе во пресрет на потребите на ЈСП Скопје доколку не успее тендерот за нафта

„Мое лично мислење е дека треба да има одговорност, но првично треба да се справиме со енергетската криза, а потоа ќе зборуваме и за конкретна одговорност кој потфрлил и зошто“, рече Бектеши и додаде дека на денешната седница не било разговарано за евентуална оставка на генералниот директор на АД ЕСМ – Васко Ковачевски.

Одговарајќи на новинарски прашања, министерот истакна дека е во тек евалуацијата на пристигнатите понуди за набавка на јаглен за потребите на РЕК Битола и посочи дека ТЕЦ Осломеј треба да биде во функција од 1 декември, во РЕК Битола веќе е вклучен Блок 1, а за неколку дена треба да биде ставен во функција и Блок 2.

На 30 октомври, Владата донесе Уредбата за критериумите и условите за прогласување на кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија. Со оваа Уредба се утврдуваат критериумите и условите за прогласување на кризна состојба и мерките што се преземаат во случај на кризна состојба настаната поради временски и природни непогоди, хаварии и нарушувања на пазари на енергија, начинот на снабдување со електрична енергија во услови на кризна состојба, како и правата и обврските што произлегуваат.

Токму заради тоа, како што рече Бектеши, операторот на преносниот систем МЕПСО изготви извештај за проценката на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем за последниот квартал на оваа година. Според доставениот извештај Комисијата процени дека постои ризик од настанување на кризна состојба поради недостиг на електрична енергија и состојбата на пазарот на електрична енергија.

„Ваквата проценка на ризици се темели на неколку основи заради капацитетите на домашното производство, но и заради зголемените цени на странските берзи“, прецизира Бектеши.

- Реклама -