Пишува: митрополит Агатангел Повардарски
Извор: Религија.мк
† А Г А Т А Н Г Е Л
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
МИТРОПОЛИТ ПОВАРДАРСКИ,
НА СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ, МОНАШТВОТО И ВЕРНИТЕ ЧЕДА
НА ПОВАРДАРСКАТА ЕПАРХИЈА,
ПО ПОВОД НОВОНАСТАНАТАТА СОСТОЈБА СО ПАНДЕМИЈАТА,
ИМ ИСПРАЌА АРХИПАСТИРСКИ БЛАГОСЛОВ И МИР ОД БОГА
Возљубени мои духовни чеда, од богомдаруваната ми Повардарска епархија, поради здравствени причини телесно сум отсутен од храмовите, но со срцето и мислите сум постојано со сите вас, и моите секојдневни молитви се за сите вас, Бог да ве укрепи во верата со Неговата благодат.
Со голема тага и немир секојдневно слушам за големата неволја која го зафати речиси целиот свет. Секојдневно умираат многумина насекаде, ниту еден народ, ниту една вера, буквално никој не е поштеден од оваа напаст. Ако се вратиме назад во историските читанки, во манастирските летописи, во житијата на светите, ќе видиме дека во секој век имало заразни болести, од кои многумина биле покосувани. По извесно време, самата болест се намалувала или на чудесен начин, по молитвите на светителите и на народот Божји, сосема прекинувале најтешките заразни болести.
Во Македонија сѐ уште нема ниту еден починат, и Го молам Бог да не допушти повеќе страдања и маки врз овој и онака напатен народ. Но во сите информирања и предупредувања, во сите тие заштитни мерки, ме загрижи тоа што во нив се препознава еден многу пострашен вирус од актуелниов, а тоа е вирусот на неверието и маловерието. Првите кои излегоа или предложија да се затворат храмовите, да не се служи Света Литургија, се токму оние лажни верници, кои никогаш не се причестиле со Христос, никогаш не дозволиле да ги допре и преобрази благодатта Божја. Ѓаволот не мирува и не спие, и негова најголема желба и триумф е да ги оддалечи луѓето од Светото Крштение и Светата Причест, и токму во овој период сведоци сме на такви дејства насочени токму против крштевките и против причестувањето во храмовите. Во време на пандемија, кога насекаде се труби само за тоа, а во меѓувреме фабриките со своите стотици вработени работат под полна пареа, некој нам ни се заканува и нѐ заплашува дека токму во храмовите ќе се проширела заразата, и од Светата Причест ќе се разболеле верниците. Што друго да подразбереме, освен тоа, дека ѓаволот ги користи некои луѓе, за да му наштети на верниот народ, да ѝ напакости на Светата Црква?
За време на владеењето на диктаторот Енвер Хоџа во Албанија, се раширила страшна епидемија, од која умреле многу млади и деца. Диктаторот, иако ја гонел Црквата, сепак покажал човечност, и заедно со архиепископот Пајсиј Водица отишол на Литургија каде што сите присутни се причестиле. Дури и диктаторот знаел дека кога медицината е немоќна, тогаш ни останува само Бог и Црквата како единствена надеж и утеха.
Светата Причест, односно Светата Литургија на која се причестувме, се соединуваме со Самиот Бог, со Телото и Крвта Христови, е суштина и смисла и идентитет на Црквата. Ако ја укинеме Светата Литургија, Светата Црква ќе се претвори во музеј, споменик на културата, историска архива, фолклорно друштво – но нема да биде Црква. Нека има и најубави икони и фрески, нека има и златни куполи и крстови, ако нема Литургија и верници кои ќе се причестуваат на таа Литургија – тогаш нема ни Црква. Лебот и Виното што ги примаме на Светата Литургија се Тело и Крв Христови, вистински и свети, а не некакви симболи, и причестувањето е реално соединување со Христа, а не некаков симболичен адет за здравје. Безброј чудеса се забележани во житијата на светите, кога луѓе болни од тешки и неизлечиви и заразни болести биле причестувани, па болестите за кои немало лек, после причестувањето изчезнувале како со рака однесени. Колку лепрозни се причестувале, колку болни од туберкулоза, од разни болести и зарази – и повторно свештениците останувале живи и здрави, а како што гледаме и самите, долговечни и со добро здравје. А кој е изворот на долговечност и крепко здравје? Се разбира, Светата Причест. Светата Причест е лек за бесмртност, а никако и никогаш извор на зарази и болести. И со таква вера треба да живееме и да се причестуваме. Црквата со своето дваесетвековно постоење ни покажува и докажува дека, ниту една болест, ниту една војна, ниту прогони, ниту забрани – ништо не може да ја спречи и уништи, бидејќи таа е Тело Христово, и „вратите на пеколот нема да ја надвладеат“. И за време на најголемите епидемии Црквата со литии, со икони и свети мошти, со молитви и темјан, се борела и изборила со болестите, како што било во Охрид со моштите на свети Климент Охридски во 1910 година.
Иста така би ги охрабрил немоќните браќа и сестри, кои се плашат да ги целиваат иконите или крстот, или се плашат да примат свештеник за водосвет во нивниот дом – да имаат повеќе вера и доверба. Ако така лесно се ширеа болести од црквите, иконите и крстовите, Светата Православна Црква одамна ќе беше исчезната од лицето на светот, и за неа ќе се спомнуваше само во учебниците по историја. Ве уверувам и ве поттикнувам, да доаѓате без страв и сомнеж во црквите, да ги целивате иконите, крстот, да се причестувате со претходна подготовка и да се подготвувате за дочек на Славното Христово Воскресение. Смртта и страдањето се најголеми непријатели на човекот, секој се стресува од помислата на нив, и затоа има таква хистерија во светот – сите се плашат од смртта и страдањето, а токму Воскресението на Господ е лек и противотров за тој страв. Господ воскресна, ни даде можност за вечен живот, а и ние со вера во Него и во Неговото преславно Воскресение ќе воскреснеме и ќе живееме вечен живот, живот кој нема крај, во заедница со Бога, заедно со Пресвета Богородица, ангелите и светителите, во Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух. Со таква вера да живееме, со храброст, со силна вера и доверба во Божјата Промисла, и без страв од смртта. Подобро е дури и да умреме причестени со Христос, отколку да останеме живи, но без Христос. Таквиот живот е веќе духовна смрт, и од таквиот вирус на безбожноста и рамнодушноста Господ да нѐ чува и сочува.
Возљубени мои, во овој период на Великиот пост, кога се подготвуваме за Христовото Воскресение, да ги умножиме молитвите, да го засилиме подвигот, но да се помолиме и за неуморните и пожртвувани лекари, медицински сестри и сиот болнички персонал, кои се жртвуваат за да спасуваат човечки животи. Бог да ги благослови и укрепи во нивната дејност, и со Негова помош успешно да се избориме сите со оваа неволја. Исто така, им упатувам искрена благодарност на институциите на Владата, на политичките партии и на сите значајни личности и институции, кои покажаа голема воздржаност, способност и зрелост при соочувањето со пандемијата. Бог да ги благослови и да им даде сила и просветление, за да донесуваат правилни одлуки.
На крај, ве молам сериозно да ги почитуваме препораките од лекарите, но и да бидеме свесни дека раѓањето, животот и смртта се во Божји раце, и сѐ што допуштил Бог е за наше поправање, за наше спасение. Благословот Божји и омофорот на Пресветата Владичица наша Богородица да бидат постојано врз нашата Света Македонија. Амин!