Власта со уставните измени работи на создавање на бинационална држава, вели Мицкоски и бара поддршка за 61 пратеник

Не се само уставните измени за исполнување на бугарскиот диктат на кој работи власта, туку работат и на изработка на уставни измени со кои ќе ја редифинираат Македонија и ќе задрат во нејзиниот карактер. Притоа, една од идеите за која предупредувам е дека работат на создавање на бинационална држава на два народи, неколку заедници кои денес се споменуваат во Уставот и постоење на малцинства, обвини вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во своето обраќање на трибината „Политики за рестартирање на распаднатиот здравствен систем“ во рамки на караванот „Ова е Македонија за сите“ што се одржа на плоштадот во Струмица.

Како што рече Мицкоски, по евентуално ваквата измена, ќе останело уште да се исцрта граница и да се заврши со постоењето на Македонија. Додаде дека за таквиот план на кој тој предупредувал, немало никаков демант од Владата.

„Упатен сум дека тоа се идеите кои се разработувале во Владата, но и од страна на партиските експерти кои ги пишуваат уставните измени. Редефинирањето на преамбулата на Уставот би било еден вид национално предавство на оваа Влада кое би ја фрлило државата на колена. Предупредувам Ковачевски да не си игра играчки со уставните измени со кои ќе ја редефинира Македонија во бинационална држава. Да престане да исполнува концесии кон ДУИ, затоа што плаќа прескапа цена за власта која ја има“, подвлече Мицкоски.

За уставните измени за внесување на, како што рече мал дел од бугарскиот народ, јасно било дека Ковачевски немал и нема да има мнозинство во парламентот, ниту пак ќе поминеле измените.

„Тој нема да си поднесе оставка ако не поминат уставните измени што е своевидно признание дека упорно со месеци ја лажеше јавноста дека има било какво мнозинство. Она што навистина жалам е што државата губи време и власта не ја прифати понудата за предвремени избори, зашто овој месец веќе ќе разговаравме за нова Влада и ќе имаше нов импулс за напредок во сите области“, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Прочитајте и:  Филипче: Избравме луѓе кои имаат нови сили, личен интегритет, многу знаење и искуство

Мицкоски жали што власта не го прифатила хрватскиот модел за промена на Уставот, кој го спомнувала и власта.

„Оваа понуда е сѐ уште отворена и тоа ќе значи дефинирање на Македонија како држава на Македонците и Македонија на останатите малцинства кои живеат во неа. И тоа е Устав на земја членка на ЕУ и една од најперспективните држави во регионот“, објасни Мицкоски.

Во своето полчасовно обраќање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ голем дел посвети на коалицијата СДСМ-ДУИ, за која, како што рече, Ковачевски и дел од СДСМ се подизведувачи во криминалите на ДУИ и дека како партија немаат ништо против Албанците, туку против криминалите на ДУИ. Затоа, тој порача дека овие две партии на следните избори треба да се испратат во опозиција. Притоа, тој најави победа на парламентарните и претседателските избори и ги повика граѓаните масовно да гласаат за коалицијата која ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а разликата во победата ќе била голема.

„Колку таа разлика ќе биде голема, толку нашите реформи ќе бидат силни, структурни и суштински. За таа разлика да биде што е можно поголема, потребни се три работи: првата работа на следните избори мора да излеземе масовно и да се мобилизираме, иако знам дека има некои имаат некаков револт, гнев во себе од нас политичарите од нешто што не е испорачано, но, морам да кажам дека сите политичари не се исти. Нас ни треба максимална победа, ни требаат 61 за да нема уцени за да може ВМРО-ДПМНЕ да ја врати Македонија онаму каде што ѝ е местото – да победува, да се развива со силно здравство, образование, со силни странски инвестиции и нови добро платени работни места“, рече Мицкоски, според кого на следните парламентарни избори ќе имало три опции: првата е ВМРО-ДПМНЕ, втората – коалицијата на ДУИ и помалиот коалиционен партнер СДСМ, и третата – политичари кои на бранот на лажниот популизам и платениот патриотизам ќе играле на картата да го поделат македонскиот гласач и против неговата партија.

- Реклама -