Властите во САД објавија дека поднеле обвиненија во врска со наводен ирански заговор за убиство на Трамп

Министерството за правда на САД, исто така, соопштило дека се поднесени обвиненија против уште две други лица кои наводно биле регрутирани да убијат американски новинар со иранско потекло кој бил отворен критичар на режимот во Техеран

Министерството за правда на Соединетите Американски Држави (САД) објави дека поднело обвинение во врска со наводен ирански заговор за убиство на Доналд Трамп, кој победи убедливо на претседателските избори во вторникот, пренесуваат светските медиуми.  

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп / Фото: EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Американското министерство во петокот го отпечатило, односно го направило достапно за увид на јавноста обвинението против 51-годишниот Фархад Шакери, во кое се тврди дека тој имал задача да направи план за убиство на Трамп. 

Според соопштението на американските власти, Шакери не е уапсен и се верува дека е во Иран, пренесува Би-би-си.  

Во обвинението поднесено во судот во Менхетен, обвинителите тврдат дека официјален претставник на Иранската револуционерна гарда му наредил на Шакери да осмисли план за следење и убиство на идниот американски претседател.  

„Министерството за правда го обвини соработникот на иранскиот режим кој бил задолжен да насочи мрежа на криминални соработници за продолжување на заговорите за атентат на цели означени од Иран, вклучително и новоизбраниот претседател Доналд Трамп“,

се вели во соопштението на американскиот државен обвинител Мерик Гарланд. 

Министерството, исто така, поднело обвиненија против уште две други лица кои наводно биле регрутирани да убијат американски новинар со иранско потекло кој бил отворен критичар на режимот во Техеран.  

Овие две лица се идентификувани како Карлајл Ривера (49) и Џонатон Лоадхолт (36) кои во четвртокот биле изведени пред судот во јужниот округ на Њујорк и се наоѓаат во притвор. 

Трамп за време на изборната кампања во два одделни наврати се соочи со обиди за атентат. Во јули, за време на минтинг во Пенсилванија вооружен маж пукаше во него, нанесувајќи му повреда на увото, додека во вториот случај, два месеци подоцна, полицијата уапси друго лице кое вперило пушка кон Трамп додека тој играл голф на неговиот терен во Вест Палм Бич. 

Според кривичната пријава против Шакери, тој наводно го открил планот за атентат врз Трамп во телефонски разговори со агенти на ФБИ во последните месеци. 

Тој наводно рекол дека функционери на иранската револуционерна гарда од него побарале да осмисли план за убиство на Трамп во рок од седум дена. 

Според обвинителите, тој им рекол на агентите ФБИ дека немал намера да направи таков план во бараната седумдневна временска рамка, поради што претставниците на Иранската револуционерна гарда го ставиле планот на пауза. 

Шакери рекол дека му било кажано оти ќе биде полесно да се обиде да го убие Трамп по изборите, бидејќи верувале дека тој ќе изгуби. 

Обвинителите го опишале Шакери како авганистански државјанин кој дошол во САД кога бил дете. Тој бил депориран од САД  во 2008 година, откако поминал 14 години во затвор поради грабеж. 

Обвинителите велат дека 51-годишникот користел „мрежа на криминални соработници“ од затвор, вклучувајќи ги Ривера и Лоадхолт, за да ги надгледува целите на иранската влада. 

Шакери наводно им ветил на Ривера и Лоадхолт 100 000 долари за убиство на американскиот новинар, кој известувал за кршењето на човековите права и корупцијата на иранскиот режим, рекле обвинителите.  

Обвинителите не го соопштиле името на новинарот, но најверојатно станува збор за дисидентката Масих Алинеџад, која и претходно била цел на властите во Техеран.  

Покрај американскиот новинар и Трамп, во објавените документи се наведува дека иранската влада се обидела да убие и двајца американски бизнисмени со еврејско потекло кои живееле во Њујорк и кои му давале поддршка на Израел на социјалните мрежи. 

Инаку, САД постојано го обвинуваат Иран дека се обидува да убие американски официјални лица како одмазда за убиството на генералот Касем Сулејмани, наводи кои Техеран категорично ги отфрла. 

- Реклама -