На 28 мај влегуваат во оптек новите банкноти од 100 и 200 евра. По редизајнот на банкнотите од €5, €10, €20 и €50, овие се последните од серијата наречена „Европа“.
Таквото име серијата го носи, покрај очигледната поврзаност со името на континентот, и поради тоа што меѓу безбедносните карактеристики на самите банкоти се наоѓа портрет на митолошката Европа, со што се овозможува поголема заштита од фалсификување, велат од Европската централна банка (ECB). Друга безбедносна карактеристика ќе биде малиот симбол на евровалутата (€), кој би требало да го отежни или целосно да го спречи фалсификувањето.
Освен тоа, банкнотите имаат карактеристики по кои можат јасно да се идентификуваат со голо око. Исто така се и помали (со изедначена висина со банкнотата од 50 евра), па подобро „лежат“ во паричниците и подолго траат.
Кога сме кај издржливоста, Европската централна банка им направи и „краш-тест“. Како што можете да видите од видеото, отпорни се на високи и ниски температури, изложеност на сонце, на одредени абразивни хемиски супстанци, адхезиви (како селотејп), гужвање, перење, па дури и пеглање.