Влез и излез од државата само со негативен ПЦР тест или доказ за вакцина или прележан Ковид-19 – најави Филипче

Министерот за здравство – Венко Филипче, денеска информираше дека на утринскиот состанок со членовите на Комисијата за заразни болести разговарале за воведување дополнителна мерка: За влез и за излез од нашата земја за сите граѓани, наши државјани или странци, да биде барана потврда за примена вакцина, негативен ПЦР-тест или доказ дека ја прележале болеста.

За оваа мерка утре дополнително ќе се дискутира и на седница на Влада.

„Утре ќе се разговара како за мерката, така и за времето, за тајмингот кога ќе биде тоа имплементирано, имајќи предвид дека многу граѓани сега се надвор од земјава“, изјави  министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање за повратниците од Авганистан, тој информираше дека се разговарало за воведување задолжителен 14-дневен карантин, но и дека утре ќе се дискутира и да се препорача вакцинација против Ковид-19.

Од Владата, пак, информираа дека на денешниот состанок на Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) за спречување на ширењето на КОВИД-19 и заштита на колективното здравје, освен заклучок да се разгледаат овие предлози, се разговарало и за можноста, покрај задолжителната потврда за извршена вакцинација, за лицата над 18 години при влез во угостителски објекти на отворено да важи и потврда за прележан КОВИД-19, за период до 45 дена од заразувањето.

Во однос на состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар, министерот за здравство ги информирал членовите на Кризниот штаб дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје.

Филипче изразил задоволство од текот на вакцинацијата кај населението во државата, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по рестриктивните мерки кои важат од денеска. На состанокот е истакнато и дека вакцини има доволно и се очекуваат дополнителни дози и во наредниот период.

МИА

- Реклама -