ВМРО-ДПМНЕ: Аман Филипче, доста го менаџираш здравството

„Аман Филипче, не менаџирај; кога ти го водиш здравството има по неколку десетици мртви на ден. Аман Филипче, не менаџирај повеќе кога резултатот е 14 мртви од пожар. Немој да менаџираш и да работиш кога објектите за кои распишуваш тендер горат за 3 минути со живи луѓе внатре“, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ на министерот за здравство, откако денеска одржа прес-конференција за да информира околу ковид состојбата во државата, а на која, одговарајќи на новинарско прашање, истакна и дека не бега од одговорност.

„Филипче, немој не се мачиш да менаџираш кога ниту противпожарни апарати не си стигнал да поставиш во модуларната болница во Тетово. Аман Филипче, не работи толку, 5 месеци вакцинацијата закасни заради тебе. Од толку што работиш, Филипче, над 6000 луѓе починаа од КОВИД. Не менаџирај кога имаш десетици мртви на ден“, обвинуваат од опозицијата.

„Немој Филипче, се преработи од менаџирање, луѓе за кислород умираат во болници. Доста го менаџираше здравството, цела нација проплаче од твоето менаџирање“, стои понатаму во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска уште еднаш побараа оставки од Владата за трагичниот случај во Тетово. Како што истакна Владо Мисајловски, оставките се неопходни за да може да има објективна истрага, а одбивањето значи дека во власта немаат морал и дека не чуствуваат одговорност.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

На ова вратија од СДСМ. ВМРО-ДПМНЕ, велат тие, не престанува да го политизира трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, очајно обидувајќи се да спечали некаков политички поен.

„Вчера целата јавност на дело виде како Христијан Мицкоски се обидува на подмолен начин, без трошка совест, да ги злоупотребува чувствата на семејствата на трагично загинатите за политички цели.

Денеска од белиот дворец повторно со политикантство се обидуваат да профитираат, и тоа додека трае истрагата која треба да ги даде сите одговори поврзани со пожарот“, порачаа од СДСМ.

Според нив, ВМРО-ДПМНЕ и лидерот на партијата – Христијан Мицкоски, тоа не го прават затоа што се загрижени или затоа што им е жал за загубата на човечки животи, туку зашто бескрупулозно се борат единствено за власт.

„На Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ до толку не им е ништо друго битно што се подготвени да тргуваат со човечки судбини, да трампаат загубени души за гласови. Ете до толку се очајни во белиот дворец. Ваквото некрофилско, неодговорно и деструктивно однесување одново ќе биде казнето од страна на граѓаните, затоа што тие знаат дека на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ништо не им е важно освен нивните лични интереси“, обвинуваат, за возврат, од СДСМ.

- Реклама -