Според податоците на Фондот за ПИОСМ од јуни годинава, вкупно 341 146 лица примиле пензија во државава. Од нив корисници на старосна пензија се 239 783 лица, на семејна пензија се 74 336 и на инвалидска 26 231 лице
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска ги повика пратениците во Собранието да го поддржат Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување со кој ќе се овозможи линеарно зголемување на пензиите на сите пензионери за 2 500 денари, почнувајќи од септемвриската пензија.
„Апелираме за соработка од сите пратенички групи кога се работи за доброто на нашите граѓани. Ги повикуваме сите пратеници за поддршка и веднаш уште денеска во согласност со Собранискиот деловник да се закаже Комисијата за социјална политика, демографија и млади. Со овој закон ќе се оствари право на повисока пензија на 300 000 наши пензионери“,
рече на денешната прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
Како што рече тој, дополнително, во март ќе има уште едно зголемување од 2 500 денари линеарно за сите пензионери.
Според податоците на Фондот за ПИОСМ од јуни годинава, вкупно 341 146 лица примиле пензија во државава. Од нив корисници на старосна пензија се 239 783 лица, на семејна пензија се 74 336 и на инвалидска 26 231 лице.
Просечната пензија, според статистиката на ФПИОСМ, во јуни изнесувала 21 241 денар, што е 51,5 отсто од просечната нето-плата која изнесува 41 252 денара.
Од вкупниот број пензионери, најголемиот дел месецот го туркаат со примања од 13 192 денари до 22 500 денари.
Инаку, просечниот износ на старосните пензии, според статистиката на Фондот, изнесува 22 884 денари, кај семејните пензии тој износ е 16 709 денари, а кај инвалидските 18 830 денари.