ВМРО-ДПМНЕ: Настанот чинеше неколку пати помалку од парите што Рашковски ги собра за мекици

„Колку пари чинеше вчерашната пропадната партиска забава на ВМРО-ДПМНЕ? Со кои пари беше финансирана?“, прашаа денеска од СДСМ, од каде посочуваат дека настанот по повод „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“ се случува во моменти кога, како што велат од владејачката партија, „ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски постојано се жалат дека нема пари, се жалат и нивните градоначалници дека општините немале пари“.

„Додека градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ постојано бараат средства, нивната партија се луксузира со прослави и отчети за 100 дена, снима спотови и организира настани каде промовира неработење и партизација на општините“, обвинија од СДСМ.

Како што велат од партијата, општините кои ги раководи ВМРО-ДПМНЕ мора да ја ревидираат својата улога во енергетската криза, мора целосно да ги намалат непродуктивните трошоци и да се однесуваат одговорно кон парите на граѓаните, а во спротивно…

„Во спротивно да престанат да се жалат, Владата не е должна да ги поддржува институциите кои вака се однесуваат“, сметаат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија со потсетување на скандалите кои, според нив, се поврзани со власта на СДСМ, вклучително и претходната, како и луѓе блиски на нив.

„Настанот на ВМРО-ДПМНЕ чинеше многу помалку од парите кои ги украдоа Зоран и Вице Заев и луѓето околу нив кои се сега во владата. Настанот на ВМРО-ДПМНЕ чинеше милион пати помалку од сите матни тендери во РЕК Битола и рекети, за кои имаше кривични пријави за Вице од кои исчезна неговото име. Прославата на ВМРО-ДПМНЕ чинеше многу помалку од туцето пари кое Ден Дончев го ставаше во торба, а нема одговорност. Настанот чинеше неколку пати помалку од парите кои Драги Рашковски ги собра за мекици. Настанот на ВМРО-ДПМНЕ чини и многу помалку од парите од местените тендери за бандери по општини од нивните поранешни градоначалници“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, СДСМ се нервозни затоа што градоначалниците на најголемата опозициска партија „имаат реализирано 1090 проекти за 100 дена, 166 капитални објекти, 33 градинки, 68 училишта, 206 улици и патишта“, односно „затоа што градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ работат“.

- Реклама -