ВМРО-ДПМНЕ: Не бараме амнестија, туку правда за осудените за 27 април

Постапката за 27-ми април е со завршена пресуда на Апелациониот суд, но следна инстанца е Врховниот суд, а знаеме примери кога Врховниот суд случаи со завршени судски пресуди ги вратил на повторно судење, истакна меѓународниот секретар и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ – Стефан Андоновски, во дневникот на „Сител“, во пресрет на утрешната средба на лидерот на партијата Христијан Мицкоски со претседателот на државата Стево Пендаровски, на која тема ќе бидат пресудите за 27 април, а која следува откако шефот на државата во ТВ интервју изјави дека не смета дека луѓето што влегле во Собранието се „терористи“.

Андоновски рече дека не сака да се меша во ингеренциите на претседателот, но ги појасни причините за средбата.

„Не, ние не бараме амнестија, не бараме аболиција на овие луѓе. Бараме правда за овие луѓе, затоа што овие луѓе со тоа што беа осудени за терористи беа политички обесправени од страна на политички диктирана пресуда, од страна на судија со политички диктат кој што ја пресуди“, рече тој.

„Мешање на политиката е кога од позиција на моќ како што зборуваше премиерот во прилогот коментирајќи судски пресуди во која насока треба да се движат и ќе ве потсетам дека во 2015 година тој коментираше дека тој има докази кои што ќе го вратат случајот ‘Монструм’ на повторно судење односно на повторно одлучување, а гледаме дека казните во 80 проценти се исти, пресудата е иста, но тогаш со лажење на македонскиот народ, со лажење на родителите чии што деца настрадаа на тој грозоморен настан, тој издејствува повторно судење“, додаде Андоновски.

Прочитајте и:  ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да не се грижи, ја обновуваме економијата која ја опустошија

Прашан дали утрешната средба значи затоплување на  односите со претседателот на државата, кои опозицијата ги замрзна откако тој го додели мандатот по парламентарните избори, Андоновски рече дека не може да зборува за детали, затоа што сѐ уште не се знае како ќе помине средбата.

„Нашите односи беа замрзнати со претседателот Пендаровски затоа што тој покажа целосна неискреност. Вие да зборувате за право, за почитување на Устав и закон а да направите нешто спротивно од тоа, е целосна неискреност и лажење на македонскиот јавност. Нашиот однос кон институцијата Претседател ќе зависи од односот на претседателот и јас би оставил да почекаме утрешната средба што ќе покаже за да видиме како ќе се движи тој однос во иднина“, рече тој.

- Реклама -