ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата нема да го поддржи предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата на пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија што денеска го најави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Како што информираше пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција во Собранието на Република Северна Македонија, предлогот нема да го поддржат од повеќе причини.
– Прво заради тоа што Филипче и неговата партија сами го имаа предложено постојното законско решение кое укажува дека усогласувањето на минималната плата е во март. Како и тоа дека има фундаментална грешка, при што го отворам прашањето кој внатре во СДСМ го мести Филипче. Бројката на покачување на минималната плата, како што кажа тој е 12,3 проценти. Сегашната минимална плата изнесува 22 567 денари и ако додадете 12 проценти ново покачување, платата би била 25342 денари, а никако 27,700 денари кое што, ако одиме по математиката и тоа што треба да значи егзактна наука која што е постулат на економијата, би било покачување од 22,74 проценти, рече Стојановски.
Во врска на коментарите на Филипче дека мерката на Владата не давала резултати, Стојановски повика да се почека до утрешниот ден.
– Јас ве повикувам, да почекаме до утрешниот ден, кога имаме најави дека синдикатите ќе ја исфрлат потрошувачката кошничка, па таму ќе ги видиме вредностите дали навистина мерките од владата дале или не дале резултат, бидејќи тоа е референтната економска вредност која што се зема како оптимална за сите учесници во економскиот политички контекст во нашата држава, рече тој.
Стојановски потенцираше дека нивната владејачка коалиција подготвува системско решение со кое што платите ќе бидат покачени за сите.
– Успеавме да се договориме со СОНК, веќе платите на образовните работници оваа година да бидат покачени, заедно со еден пакет кој што треба да генерира 46 проценти покачување на наставниот кадар. Успеавме да ги покачиме пензиите од 2500 денари за сите 33 800 пензионери. Успеавме да ги исплатиме платите кои што беа задоцнети, и овој месец ќе влезе во собраниска процедура и новиот текст за буџетот за 2025. Да оставиме работниците да бидат позитивно изненадени за тоа како новата влада се грижи за нив и какво покачување на платите предвидува, посочи тој.
Во законодавниот дом пратеникот и лидер на СДСМ, Венко Филипче, денеска информираше дека пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија предлага измени и дополнување на Законот за минимална плата, со кој се предвидува покачување на минималната плата на 27.700 денари.
Посочи дека со ваквото покачување не само што ќе се обезбеди финансиска стабилност на работниците, туку и ќе влијае на порастот на просечната плата.