ВМРО-ДПМНЕ размислува за напуштање на сите институции

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев најавува дека доколку не се прифати барањето на партијата за одржување на предвремени парламентарни избори заедно со редовните претседателски, ќе ја разгледаат можноста за напуштање на сите институции. До моментов сите опции се отворени.

„Во однос на дејствувањето односно делувањето на СДСМ, Заев и власта, така и ВМРО-ДПМНЕ како опозиција ќе ја донесе стратегијата во однос на натамошните чекори со тоа што во моментов не ја ислкучуваме ниту една од опциите во однос на нашите следни чекори. Во игра буквално се сите опции и дури и тоа што го најавивме дека ја разгледуваме можноста за напуштање на сите институции, односно неделување од страна на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Игор Јанушев во разговор во најновото издание на емисијата “360“ на Алсат-м телевизија.

Тој посочи дека тие бараат единствено предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, согласно законот и онака како што сме ја имале праксата во последните неколку години, додавајќи дека не условуваат со дополнителни услови за нивно излегување на избори.

Прочитајте и:  Мицкоски: Владата ја поддржа кандидатурата на Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО, се слушнавме и по телефон

Јанушев меѓу другото се осврна и на договорот од Преспа, за кој вели дека тие, како ВМРО-ДПМНЕ, ќе направат се и ќе ги вложат целото нивно умеење и знаење за да променат на подобро некои работи од договорот. Во политиката како и во се останато нема неповратни процеси. Можеби она што денес ни делува неповратно и трајно, после пет, десет, петнаесет години се менува.

„Точно ќе биде многу тешко. Шансите се мали. Меѓутоа тоа не значи дека треба да се откажеме и дека не треба да правиме ништо. И го кажав тоа и пред малку, ќе направиме се што е во нашата моќ, ќе го вложиме целото наше умеење и знаење да пробаме да промениме некои работи. Дали ќе успееме, на крај на ден ќе ни суди историјата и граѓаните“, истакна Јанушев.

- Реклама -