ВМРО-ДПМНЕ: Русковска доби заслужена максимална деградација од Советот на јавни обвинители

Екс-шефицата на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, е деградирана од Советот на јавни обвинители, но заслужено – велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Според нив, денешното разрешување на Русковска од функцијата обвинител можно е и да е резултат на „мафијашка пресметка“ во правосудството, но исходот, велат, е добар за правдата.

„Правдата е некогаш спора, но секогаш пристигнува. Без оглед на околностите кои денес доведоа до тоа крајот на кариерата на Вилма Русковска да биде преку разрешување од функцијата обвинител, колку помалку ‘вилми’ има, толку подобро за правдата, довербата во судството и граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ситуација кога корупцијата е толку голема и несанкционирана, тешко е да се посочи правичен и меродавен орган кој објективно ќе оценува правосудни чинители. Сосема е можно ова да е резултат на ‘мафијашка пресметка’ во правосудството, но како факт останува дека Русковска доби заслужена максимална деградација од Советот на јавни обвинители“, смета опозицијата.

Прочитајте и:  Пешевска: Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка

Тие потсетуваат дека многупати реагирале дека Русковска е инструмент на влааста за прогон на неистомислениците и патриотите, а со нејзиното разрешување, велат, таа допрва ќе има прилики да зборува и, според ВМРО-ДПМНЕ, „да ги признае сите злодела кои ги извршила, и по чија наредба“.

„Ова е само мала правдина за неправедно осудените, вистинската ќе дојде со нивната слобода и кривичната одговорност за Русковска и нејзините соучесници“, порачаа од партијата.

- Реклама -