ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ од прославата на Илинден направи партиска забава, по нашето доаѓање на власт, Илинден и манифестацијата на Мечкин Камен ќе бидат отворени за сите граѓани

„СДСМ ја партизираше прославата на Илинден на Мечкин Камен, не дозволи народ да присуствува, туку само нивни партиски активисти“, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Како што велат од најголемата опозициска партија, власта го ограничила пристапот до Мечкин Камен за народот кој беше отиден во Крушево да оддаде почит на великаните кои се вградиле со своите животи за Македонија.

„СДСМ покажа примитивизам од невидени размери и не дозволи илјадници наши сограѓани да присуствуваат на Мечкин Камен, како што тоа го правеле децении наназад. СДСМ од државната прослава по повод Илинден направи партиска забава, со неколку стотина членови на партијата донесени со голем број автобуси кои полупразни тргнаа од градовите ширум државата. СДСМ и Ковачевски се исплашија од народот и му го земаа правото да се потсети на жртвата на предците и достојно да ја одбележи“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека Илинден е празник кој е темелот и стожерот на Македонија и треба да обединува, додека СДСМ, според нив, прави сѐ за на тој светол ден за македонската државност да посее раздор и омраза.

„По доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, Илинден и манифестацијата на Мечкин Камен ќе бидат отворени за сите граѓани, а празникот повторно ќе ги обединува граѓаните без разлика на партија, народност или религија. Поделбите ќе завршат со заминувањето на СДСМ од власт“, ветуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ вчера дојде на чествувањето на Илинден на Мечкин Камен, но го напушти пред обраќањето на премиерот Димитар Ковачевски. Потпретседателот на партијата, Александар Николоски, изјави дека причината е „партиското и политичкото дејствување на владејачката СДСМ“.

Прочитајте и:  Филипче по средбата со Сиљановска Давкова: Искрено посакувам ова да биде еден политички дијалог кој ќе стане пракса

„Ние сме тука, но за жал СДСМ не успеа да се надмине себе, донесоа тука исклучиво партиски активисти. Ги носат со автобуси и на сите кои што не се членови на СДСМ, вклучително и на бројни членови на ВМРО-ДПМНЕ, им е забрането да пристапат тука, за што бевме информирани пред почетокот на оваа манифестација. Всушност, и на одредени луѓе кои што беа дел од оваа наша делегација им е забрането да пристапат тука“, обвини Николоски.

„Не знам од што се плашат, веројатно се плашат од народот. Дури и со партиски активисти не успеаја да го наполнат Мечкин Камен, затоа што Мечкин Камен може да се наполни само и исклучиво со македонски народ кој доаѓа со чесна мисла, а не под политичка наредба“, додаде тој.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ подвлече и дека со ваквото однесување на власта се рушат идеалите на сите тие кои ги дале своите животи за независна и обединета Македонија.

„Се рушат идеалите на генерации кои што сонуваа за македонска држава, со македонски јазик како официјален јазик на истата, со македонска култура, со македонска традиција и историја, со македонски корени кои што датираат векови и векови наназад. Но, оттука, од Крушево сакам да порачам дека Македонија и македонскиот народ се многу посилни. И никакви договори, никакви попуштања нема на ниеден начин да ја променат самобитноста на македонската национална борба. Илинденското востание е македонско, и тоа е јасно и го знаат сите, го знае цел свет. Било, е и ќе остане македонско!“, рече Николоски.

- Реклама -