ВМРО-ДПМНЕ: Викендов во Софија имало преговори меѓу Бугарија и Македонија!

„Викендов имало разговори помеѓу владини преставници на Бугарија и Македонија кои се одвивале во Софија. Овие информации ги потврдува и Зоран Заев кој во изјава за ТВ 21 вели: ‘На ниво на работни групи под раководство на нашиот и бугарскиот министер за надворешни работи се разговара’. Од изјавите на Заев дознавме дека не тој, ама високи функционери викендов биле во директни преговори со соседна Бугарија. Истиот тој Заев, последниве три години нè убедува дека сите прашања со соседите се затворени. Тогаш за што се преговара?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Очекуваме јавен одговор на прашањето – кој и што преговарал викендов во Софија? Дали се преговара дека Македонците се преобразени Бугари или нео-Југословени? Дали ние сме вештачка творба? Дали македонскиот јазик има или нема бугарски корени? Дали трговецот-премиер во заминување Заев на овој начин ја продава Македонија и за какви интереси? Зошто оваа средба се држи надвор од очите на јавноста? Зошто Костадинов лажеше дека нема средби кога неговиот лидер потврди дека имало?“, праша на денешната прес-конференција членот на ИК на партијата – Стефан Андоновски. Тој го обвини премиерот Заев дека го поплочува патот кон пораз на македонскиот идентитет и повика на масовни протести низ целата држава:

„Заев го смета македонскиот народ за експериментална нација, која може да прифати сè што ќе ѝ се сервира на маса. Прифаќајќи патокази и анекси, Заев го поплочува патот кон поразот на македонскиот идентитет. Ветувања кои ги давале кај високи функционери во Софија, сега мораат да ги испорачаат.

Прочитајте и:  Мециновиќ: Со малограѓански сценарија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сакаа да избегнат одговори на прашањата поставени од Левица

Затоа го повикуваме македонскиот народ на протести. Масовни протести. Во секој град, во секое село. Продолжуваме сите заедно за да не биде предоцна. Да излеземе на улиците, почитувајќи ги здравствените мерки и заштитувајќи се себеси и најблиските, и на мирен и демократски начин, да им покажеме дека сме горди, достоинствени Македонци кои не отстапуваат од своето. Денес ве повикуваме да ни се приклучите во Свети Николе, Крива Паланка, Кратово, Струмица, Гевгелија, Неготино, Крушево, Македонски брод, Кичево, Гостивар и Струга.

Заев не испорача ништо добро за Македонија и мора да си оди. Ова може да се сопре само со протести на народот“, порача Андоновски.

Вчера пак, премиерот Заев порача дека „во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик“. Од друга страна, не посочи дали корените на идентитетот и јазикот на тие Македонци што ќе влезат во ЕУ ќе бидат бугарски.

„Македонскиот народ секогаш бил и ќе биде со поглед напред. Сите премрежја, окупации и блокади беа надминувани и надминати заради желбата за подобро утре и подобар живот. Така е и сега. Гледаме напред, кон Европа, тоа е единствениот пат кон нашето подобро утре.

Изолациите ги оставаме во минатото бидејќи знаеме дека македонската иднина е европска. Во тоа име, продолжуваме да бараме решенија. Само така е европски, само така е македонски. Во ЕУ ќе влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик!“, порача Заев.

- Реклама -