Внимание: Скопјани сакаат чешми, базени, аква-паркови и плажи на чист Вардар!
Внимание ги прашува скопјани како се разладуваат по горештиниве: „Не искачам од дома, по дома седам“ – вели еден скопјанец. „Со јадење овошје од фрижидер, праски, цреши, најмногу тоа ме разладува“ – кажува една скопјанка.
На прашањето „Дали во Скопје има доволно чешми за разладување?“, повеќето скопјани велат дека нема: „Има, ама не функционираат, не работат“, се жали една скопјанка.
Повеќето наши соговорници се убедени дека топлите бранови уште пред да дојде летото се резултат на климатски промени: „Па и на климатските промени, а пред се на човечкиот фактор. Мислам дека самите ние сме си виновни за ова што ни се случува“, тврди една скопјанка.
Скопјани кажуваат и дека главниот град нема доволно базени и други рекреативни можности за да ги задоволи потребите на граѓаните во летните жеги: „Значи, има неколку базени, два-три, меѓутоа не се доволни за граѓаните, треба барем во секоја населба да има по еден базен“; „Дефинитивно на Скопје му требаат аква-паркови за разладување“, велат граѓаните.
На прашањето „Зошто никој не се рекреира на плажите на Вардар, како што се рекреирале Скопјани порано?“ една скопјанка вели: „Затоа што ќе не лапне некоја машина за перење или некоја гума што плови по Вардар“.
Граѓаните се надеваат дека Вардар може да биде исчистен и дека може пак да добиеме плажи на Вардар каде што скопјани би се разладувале: „да се вратиме на стари убави времиња“, носталгично вели еден скопјанец.