Во Албанија, 8 од 10 испитаници сметаат дека здравствениот систем е корумпиран.

Спроведена е анкета со учество на илјада граѓани од Албанија, која открива загрижувачки проблем во здравствениот сектор: корупцијата.

Податоците потврдуваат дека осум од десет граѓани сметаат дека здравствениот систем во Албанија е корумпиран. Според извештајот, 83% од испитаниците веруваат во оваа претпоставка.

Алма Лахе, еден од авторите на извештајот, посочува дека пациентите особено се почувствителни на ситната корупција, која директно влијае на нивниот буџет.

Извештајот на Здружението „Заедно за живот“ открива дека корупцијата е распространета во здравствениот сектор на сите нивоа. Ситната корупција варира од неформални плаќања за услуги што требало да бидат бесплатни, до поголеми случаи на корупција поврзани со тендери за инфраструктура, опрема или услуги.

Според извештајот, универзитетските болници се сметаат за најкорумпирани според 81% од испитаниците, додека 76% од испитаниците веруваат дека регионалните болници се многу корумпирани. За општинските болници, 60% од мажите и 55% од жените истакнале дека ги оценуваат како такви.

Наодите пак покажуваат дека 70% од пациентите платиле мито за да ја добијат бараната услуга, бидејќи им било јасно дека без тоа нема да ја добијат. Според 53% од испитаниците, платиле за подобра услуга, 42% за да го забрзаат процесот, а 22% биле директно замолени од персоналот да платат.

Дури 75% од учесниците во анкетата признале дека платиле мито за операции и третмани, што укажува на значителен притисок врз пациентите да обезбедат соодветен третман во итни или критични ситуации. Исто така, 63% од испитаниците веруваат дека основната причина за појавата на корупција во здравствениот систем е прифатената култура на поткуп во општеството.

Според извештајот, недостатокот на контрола и казнување од страна на надлежните органи се основни фактори за ширењето на корупцијата во здравствената област. Граѓаните исто така посочуваат лошо управување, недостаток на транспарентност, ниски плати за здравствениот персонал и недоволно финансии од државата како главни причини за актуелната ситуација.