Во Бугарија изненадени од изјавата на Заев дека нивните барања „ниту се братски, ниту се европски“

„Премиерите на Бугарија и на Република Северна Македонија – Бојко Борисов и Зоран Заев, се убедени дека во следните денови ќе се најде решение за спорните прашања меѓу двете земји“, тврди претседателот на Комисијата за надворешна политика во бугарскиот Парламент – адмирал Пламен Манушев, пренесува бугарската БГНЕС.

„Процесот е исклучително интензивен и се надевам тоа да се случи во претстојните денови. Премиерот Зоран Заев и нашиот премиер се убедени дека ќе се најде такво решение. Министерката за надворешни работи Екатерина Захариева ја изрази бугарската позиција пред нивниот министер за надворешни работи. Јас силно се надевам дека ќе најдеме решение на тој спор и ќе го започнеме процесот“, изјавил Манушев.

Тој истакнал и дека е изненаден од вчерашната изјава на Заев, кој порача дека барањата на Бугарија ниту се братски и добрососедски, ниту се европски.

„Ја прочитав изјавата на премиерот Зоран Заев. Веројатно таа е испровоцирана од разговорите на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи во Софија. Не знам зошто го кажал токму тоа, но ние го поделивме меморандумот до сите европски институции, во кој кажуваме кои се нашите барања и црвени лини од кои не треба да се отстапи и треба да се најде компромисно решение од двете страни“, рекол Манушев.

И тој, како и премиерот Борисов, додал дека Бугарија е должна да изнајде „компромисна варијанта“ и да ги реши спорните прашања:

„Ниту еден Бугарин не сака да бидеме пречка за европската интеграција на СР Македонија, која е една братска држава и братски народ“, порачал претседателот на бугарската парламентарна Комисија за надворешна политика, посочувајќи дека парламентите на двете држави можат да помогнат во процесот на наоѓање решение:

„Никогаш не се создавани пречки за парламентарни контакти меѓу властите на двете земји. Ние соработуваме со пратениците од СР Македонија во рамките на Парламентарното собрание на НАТО, каде јас сум раководител на делегацијата“, додал Манушев.

- Реклама -