Финска има еден од најдобрите образовни системи во светот. Престижните PISA ранкинзи ја сместуваат Финска меѓу најдобрите во светот од областа на математиката, литературата и науката, а наставници од целата планета патуваат во земјата само за да научат нешто од тамошните состојби во образованието.
Со вакви резултати, тешко е да се поверува дека Финска е на почетокот на процес на коренити промени во наставата и образовниот модел, при кој ќе биде исфрлена наставата базирана на училишни предмети, а ќе се однесува повеќе на воопштените современите ситуации.
На пример, традиционалните предмети како „македонски и литература“ (на нашки) ќе бидат заменети со нешто како „Европска Унија“, што ќе опфаќа разни области, меѓу кои економија и историја, странски јазици и географија.
„Навистина ни е потребно реизмислување на едукацијата и редизајн на системот, така што ќе ги подготви нашите деца за иднината снабдувајќи ги со вештини кои се потребни денес и ќе бидат потребни утре“, вели Марјо Килонен, менаџер на образованието во Хелсинки.
„Училиштата школуваат на старомодниот начин кој беше од корист на почетокот на 1900-те, но потребите не се исти и сега ни треба нешто што прилега на 21-от век“, додава тој.
Но, не се менува само предметот на настава. Истовремено, се работи на тоа да се смени и начинот на настава, со тоа што часовите ќе се одвиваат преку повеќе соработка – наместо немо да седат пред наставниците, учениците ќе решаваат проблеми поделени во мали групи во кои ќе треба тимски да ја совладаат тематиката.
Сето ова се случува во времиња кога на Западот се се погласни обвинувањата дека образовните системи фабрикуваат умови, наместо да градат карактери и да ги оспособуваат младите со комуникациски вештини. Се очекува дека другите земји будно ќе го следат процесот во Финска, а ништо чудно и да тргнат по истите стапки.
Во меѓувреме, резултатите од првите фински училишта во кои новиот систем започна да се имплементира во изминативе години, покажуваат подобри постигнувања на учениците.