Од денес, 139 години по воспоставувањето на првата телефонска мрежа во Париз, францускиот телекомуникациски оператор Orange (порано France Telecom) престанува да нуди претплата за фиксна телефонија. Се очекува дека веќе за неколку години, за обавување на фиксни телефонски повици, било во домовите или во компаниите, ќе биде неопходна специјална кутија за фиксна телефонија.
Исклучувањето на фиксната телефонска мрежа нема да се случи одеднаш, туку ќе се одвива постепено и ќе трае неколку години. Во првата етапа е предвидено новите клиенти на Orange, или оние кои ќе ја променат адресата, веќе да не можат да ја добијат класичната фиксна телефонска линија. Наместо тоа, ќе им биде понудена услуга со „бокс“ (кутија) понуда.
Во 2023-та, операторот ќе започне постепено да ја исклучува фиксната телефонска мрежа во одредени општини, а кај постарите лица тоа ќе се одвива со олеснителни процедури, најавува операторот.
Со масовната појава на смартфоните, Французите сé помасовно се откажуваат од фиксните телефони. Од 2012-та до денес, нивната употреба во Франција е намалена за половина.
Компаниите исто така ќе треба да се откажат од класичните фиксни линии и факсовите. Во моментов такви користат 70% од француските компании. Затоа ќе се посвети посебно внимание на телефонската транзиција во овој сектор, а постои и ризикот дека ако сите компании практично истовремено започнат да преминуваат кон новиот систем, може да дојде до недостаток од новата опрема. Во таков случај, предност ќе имаат големите компании со пообемни инсталации, за сметка на малите и средни претпријатија.