Во Франција веќе не се испорачува природен гас од Русија, за Италија испораката намалена за 50%

Франција веќе не прима природен гас од Русија преку гасовод од 15 јуни, соопшти денеска мрежниот оператор „ГРТгас“, откако рускиот енергетски гигант „Газпром“ оваа недела предупреди дека остро ќе ја намали испораката во Европа.

Истовремено, „Газпром“ го намали извозот на гас од Италија за 50 отсто, соопшти денеска италијанската енергетска компанија „ЕНИ“. „Газпром“ му ветил на Рим само половина од 63 милиони кубни метри гас нарачани за денеска, информираше компанијата.

Снабдувањето со гас е веќе намалено оваа недела за 15 отсто во средата и 35 проценти вчера.

Русија го прекина или намали снабдувањето со гас за неколку европски земји во изминатите неколку недели, поради споровите околу санкциите на Западот воведени кон Москва за нејзината инвазија на Украина.

Прочитајте и:  Џо Роган: Бајден и Зеленски сакаат светска војна, Кличко му одговори - тоа е руска пропаганда

Испораките за Германија беа намалени за 60 отсто оваа недела преку гасоводот „Северен поток“ во Балтичкото Море.

Комесарот за економија на Европската Комисија, Паоло Џентилони, вчера предупреди дека стариот континент би можел да влезе во рецесија, доколку се прекине снабдувањето со гас од Русија.

Од „Газпром“ велат дека намалувањата со снабдувањето преку гасоводот „Северен поток“ е резултат на поправка. Сепак, претставниците на ЕУ веруваат дека Москва ги казнува сојузниците на Украина.

Извор: МИА

- Реклама -