Во Германија се изборија за 28-часовна работна недела

IG Metall – најголемата и најмоќната синдикална организација во Германија (па и во Европа), извојува голема победа – зголемување на платите од 4.35%, И поважно – право на вработените да имаат 28-часовна работна недела, пренесува Financial Times.

Синдикатот објави дека постигнал договор со работодавното тело во југозападна Германија, што значи дека најмалку 900 илјади работници од металната и електричната индустрија кои претходно штрајкуваа барајќи повисоки плати и бенефити со слободни денови – ќе се вратат на работа во фабриките.

Жестоките преговори беа придружени со „предупредувачки штрајкови од неколку часови, помешани со 24-часовни напуштања на работните места од страна на до 1.5 милион работници. Од штрајковите најафектиран беше автомобилскиот сектор.

Останува да се види дали спогодбата меѓу IG Metall и работодавното тело Südwestmetall ќе се рашири и во останатите сектори на Германија, но како и да е, самото прифаќање на договорот од страна на толку голем број работодавачи е голем чекор во таа насока.

„Колективниот договор е клучен момент на патот кон модерен самоопределувачки работен свет“, рече Јорг Хофман – челникот на IG Metall по маратонските 13-часовни преговори во Штутгарт. „Ги постигнавме своите цели“, заклучи тој.

Според договорот, платите се покачуваат за 4.3% веќе од 1 април годинава, заедно со еднократен износ од 100 евра за периодот од јануари до март. Дополнително, сите вработени ќе добијат фиксна сума од 400 евра од следната година, плус колективно договорената сума од 27.5% од месечната плата.

Прочитајте и:  Германија прави попис на бункери и засолништа во случај на руски напад, ги охрабрува и граѓаните да си направат и свои

Вработените кои имаат деца, се грижат за роднини или работат во смени, пак, ќе имаат право да изберат да земат дополнителни осум слободни дена од договорените со работодавачот. Два од тие денови ќе им бидат платени.

Најважното, сепак, е што колективниот договор исто така им гарантира право на вработените да го намалат своето работно време на 28 часа неделно, во период од 24 месеци. Потоа ќе имаат право со истото да продолжат, или да се вратат на првично договореното работно време. Се разбира, при ваквата одлука вработените ќе се откажат од горенаведените бонуси.

„Вработените добија значително зголемување на нивните приходи, што ја рефлектира одличната економска ситуација на индустријата, и има позитивен макроекономски ефект: значителното покачување ја зголемува домашната побарувачка и потрошувачка и придонесува за понатамошно стабилизирање на економијата“, вели челникот на IG Metall.

Иако синдикалната организација не успеа да го испреговара посакуваното зголемување на платите од 6%, договорот претставува огромно подобрување во однос на претходно понудените 2.6%. Згора на тоа, а тоа го потврдуваат и многу економски експерти, за германските работници беше многу поважно да имаат баланс меѓу работата и приватниот живот, отколку самото покачување.

 

Колективниот договор важи до 31 март 2020-та година. Тогаш, за точно две години, ќе се направи прецизна евалуација за ефектот што промените ќе го покажат во пракса, како и дали се подносливи за компаниите. Дотогаш, блазе си им на Германците.

 

- Реклама -