Премиерот Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција најави дека во претстојните месеци се очекува проширување на позитивната листа на лекови. Тој истакна дека Владата активно работи на реформи во здравствениот сектор, какви што не се случувале со години.
Одговарајќи на прашањата на новинарите, Мицкоски нагласи дека граѓаните наскоро ќе имаат пристап до нови лекови што ќе бидат вклучени во позитивната листа. „Очекуваме во следните месеци да им донесеме на македонските граѓани нови убави вести за лековите кои ќе бидат достапни“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека здравствениот систем претставува значаен предизвик и дека е потребна поголема одговорност за неговото функционирање. Според премиерот, државата ќе продолжи да инвестира во здравството и да ги штити интересите на граѓаните, но истовремено очекува одговорно однесување од сите учесници во системот.
„Не можеме постојано да го оптоваруваме системот и истовремено да очекуваме квалитетни услуги“, истакна Мицкоски. Тој ова го поврза со потенцијалните злоупотреби во здравствениот сектор, споменувајќи случаи на пријавување прекувремени часови и дежурства кои не одговараат на реалноста. „Треба да водиме поголема грижа за општиот интерес и интересот на граѓаните“, додаде премиерот.




