Во ноември избор на ново раководство на СДСМ, најави партискиот лидер Филипче

Според Филипче, по неговиот избор за претседател на СДСМ, партијата забележала прекин на падот на рејтингот и започнала „значајна консолидација“

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека на почетокот на следниот месец партијата ќе добие нов состав на Централниот одбор (ЦО) од којшто ќе потекнува и целокупното партиско раководство. Изборот на новиот ЦО на СДСМ, како што рече Филипче во вечерашното интервју за ТВ Сител, ќе се случи на состанокот на Конгресот на почетокот на ноември, откако претходно ќе бидат избрани и новите конгресни делегати.

Венко Филипче, лидер на СДСМ

„Секојдневно имам средби со многу луѓе од општинските организации во државата. Ги започнавме веднаш и формалните процеси за да се постави партиското раководство, односно изборните конференции по општинските организации за да се изберат нови делегати на Конгресот и да се предложат нови членови на ЦО. Тие општински конференции завршуваат оваа недела и со новоизбраните конгресни делегати ќе го организираме новиот состав на Конгресот на почетокот на ноември на кој треба да се избере новиот ЦО на партијата од којшто ќе потекнува и целокупното ново партиско раководство“,

изјави Филипче во интервјуто за ТВ Сител.

Лидерот на СДСМ додава оти е задоволен од временската динамика во којашто се одвива целиот процес на избор на ново партиско раководство бидејќи во меѓувреме сакал да се сретне со што повеќе членови на партијата и да ги вклучи во процесот на носење и градење на политиките.

„Одличен е фидбекот, членовите веќе се враќаат кон партијата и има една значајна консолидација. Така што, покрај формалните процеси, да се слушне гласот на секој еден член е еден многу значаен сегмент којшто ќе ја зајакне партијата“,

додаде Филипче.

Според Филипче, по неговиот избор за претседател на Социјалдеморкатскиот сојуз на Македонија, партијата забележала прекин на падот на рејтингот и започнала „значајна консолидација“.

- Реклама -