Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, во јануари се регистрирани 619 хипотеки, во февруари 849, а во март 1004.
Во Центарот за катастар на недвижности во Скопје, за првиот квартал оваа година регистрирани се 1.318 хипотеки со вкупна вредност од 125.707.841 евра и 3.217.079.946 денари. Во исто време, на 29-те подрачни одделенија на Катастарот, забележани се 1.154 хипотеки, кои чинат 256.364.356 евра и 5.923.616.828 денари.
Вкупниот број хипотеки за првиот квартал е намален за 124 во однос на истиот период минатата година, кога беа регистрирани 2.596 хипотеки со вредност од 384.969.557 евра и 4.929.828.022 денари. Намалувањето во однос на последниот квартал лани, односно периодот од октомври до декември 2022 година, изнесува 588. Во последниот квартал 2022 година, беа запишани 3.060 хипотеки со вкупна вредност од 511.397.387 евра и 8.401.072.019 денари.
Во регистарот на цени и закупнини, за првите три месеци од оваа година, регистрирани се 712 новоизградени станови, што претставува намалување од 292 стана или 29 проценти во споредба со четвртиот квартал од минатата година. Во Агенцијата за катастар на недвижности досега се упатени 28.013 листи за предбележување градба, што укажува на тоа дека овие објекти се во тек на изградба и наскоро ќе се појават на пазарот на недвижности.




