Во САД се мислат, а Норвешка реши: Ќе ги забрани полу-автоматските оружја

Додека во САД се расправаат што да прават со оружјето, Норвешка, се чини, веќе реши. Од 2021 година, кога се навршуваат десет години од масовното убиство на островот Утоја каде екстремистот Андерс Брејвик уби 69 лица, полуавтоматско оружје во Норвешка ќе биде забрането.

Предлог законот за забрана на овој тип оружје беше поднесен лани од малцинската десничарска влада, но според конзервативниот пратеник Петер Фролик, предлогот ќе го поддржат мнозинството пратеници.

Забраната ќе стапи на сила во 2021 година.

Долгото чекање за ваквата забрана Фролик го припишува на фактот што во Норвешка многу од ловџиите користат полу-автоматски оружја. Во предлог законот има одредени исклучоци за оружја за лов, но не е јасно како генерално ќе влијае врз ловџиите.

Што се однесува до Брејвик, да потсетиме: на 22 јули 2011 година, маскиран како полицаец, Брејвик час и 15 минути пукаше со пиштол Глок и полуавтоматска пушка Ругер Мини 14 врз ученици во летен камп на младинска политичка организација. Уби 69 лица, од кои повеќето беа тинејџери. Неколку часа претходно тој уби други 8 лица во бомбашки напад врз зградата на владата во Осло.

Брејвик (кој денес го користи името  Fjotolf Hansen) има 39 години, а во 2012-та беше осуден на 21 година затвор, со можност за продолжување на казната до недоглед, сé додека е сметан за закана за општеството.

- Реклама -