Отприлика секој четврти Швеѓанец користи никотински производи, што е приближно на исто ниво со остатокот од Европа. Но, според неодамнешниот извештај, Шведска бележи 44 отсто помалку смртни случаи поврзани со тутунот по глава на жител во споредба со останатите европски земји. Според авторите на извештајот наречен „Без чад помалку штети“, разликата е во тоа што Шведска ги прифати како алтернативи снусот и никотинските кесички, производи без чад кои се многу помалку штетни од цигарите.
„Иако никотинот може да создаде зависност, тој не предизвикува рак. Студиите одамна го утврдија овој факт“, се наведува во извештајот. „За жал, митовите за никотинот опстојуваат и кај лекарите и кај јавноста. Погрешната перцепција за штетите на никотинот кај здравствените работници е неприфатлива и не е во најдобар интерес на нивните пациенти. Ако здравствените работници не го разбираат никотинот, како можеме да очекуваме јавноста да знае дека никотинот не предизвикува болест?“
Коавторот Карл Фагерстром, клинички психолог кој го креираше Фагерсторм тестот за да ја процени зависноста од никотин кај луѓето кои пушат, изјави за магазинот Filter дека извештајот нагласува дека Шведска консумира никотин со иста стапка, како и остатокот од Европа, но сепак има многу помали штети поврзани со тутунот – никотинот не е непријател.
„Европејците се неупатени и имаат сосем погрешен впечаток“ за ризиците од консумирањето на никотин, рече д-р Фагерстром. Но, тој истакна дека ова не е само европски проблем. Низ светот, вклучително и во Соединетите Држави, истражувањата покажуваат дека многу лекари сè уште веруваат дека никотинот предизвикува рак.
Одамна утврден факт е дека „Луѓето пушат поради никотинот, но умираат од катран“, како што славно напиша професорот Мајкл Расел во 1976 година. Согорувањето на тутунот е смртоносно, ослободувајќи материи поврзани со најмалку 16 видови на рак.
„Со прилагодување на разбирањето на јавноста и прописите што ја регулираат употребата на никотинот, можеме да ги ублажиме здравствените ризици без потреба од целосни забрани“, објасни Фагерстром.
Во деловите на Европа и на други места, намалувањето на смртните случаи поврзани со тутунот се поистоветува со идејата за целосно ослободување од никотинот. Меѓутоа, Швеѓаните едноставно прифатија побезбеден начин на консумирање.
Снусот долго време е дел од шведската култура. И кога Шведска се приклучи на Европската унија во 1994 година, земјата се откажа од забраната на снусот, за да го задржи производот на пазарот. Снусот се состои од мали пакетчиња тутун кои се ставаат помеѓу горната усна и непцето, за да му овозможат на корисникот да го апсорбира никотинот. Никотинските кесички, развиени неодамна, се користат на ист начин, но не содржат тутун, туку само екстракт од никотин. Истражувачите проценуваат дека употребата на оваа категорија производи е околу 100 пати помалку штетна од пушењето цигари.
Шведскиот активист за намалувањете на штети од тутун, Стефан Матисон го припишува успехот на Шведска на фактот дека во овој момент, тамошните „генерации пушачи“ имале пристап до снусот заедно со цигарите. „Полесно е да се научи да се разбере концептот за намалување на штети, бидејќи тоа тука е дел од општеството“, рече тој за Filter.
Податоците покажуваат дека преваленцата на рак на белите дробови кај мажите во Шведска е помала од половина од просечната стапка во ЕУ. Шведска толку успешно ги прифати производите без чад што наскоро ќе стане првата земја „без чад“ во светот – што значи дека стапката на пушење пушење изнесува под 5 проценти. Се предвидува дека ЕУ во целина ќе го постигне тој статус до 2070 година, дури три децении по својата првична цел во 2040 година.