Во Скопје отворена најголемата и најсовремена форензичка лабораторија на Балканот: „Доказ дека ЕУ ја поддржува нашата бескомпромисна борбата со криминалот“, вели власта

Во просториите на Министерството за внатрешни работи, денеска свечено беше пуштен во употреба новиот објект на Одделот за форензички испитувања при МВР, капитален проект финансиран преку ИПА пристапната помош на Европската Унија. Преку овој проект, обезбедена специјализирана форензичка опрема, како и изградбата на зградата во кој сместен овој Оддел, во вредност од 3.6 милиони евра.

Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на свеченоста рече дека првпат во историјата на службата за форензички испитувања во земјава на вакво високо ниво се унапредуваат условите за работа на припадниците на МВР.

„Од друга страна овие модерни и добро опремени форензички лаборатории, ќе бидат корисна алатка на полицијата и правосудниот систем во борбата со криминалот, што ќе резултира со поквалитетна истрага и зголемена откривачка дејност. Ова овозможува нашата полиција да биде во чекор со современите постапки, европски практики и стандарди“, рече Ковачевски.

Овој концепт на форензичка служба, како што рече тој, ги отвора вратите на професионалните форензичари непречено да учествуваат и во регионални и меѓународни проекти, но е и можност за продлабочување на соработката со форензичките служби од државите од регионот и Европската Унија.

„Инвестицијата на овој современ објект кој е во рамки на ИПА програмата изнесува над 3.5 милиони евра. Ова е уште еден показател дека ЕУ ја поддржува нашата бескомпромисна, континуирана и постојана борба со криминалот и корупцијата. Нашите политики за реформа на истражните институции, правосудството, обвинителството, создавање слободни и независни институции, вклученост на граѓанските здруженија и медиумите во тие процеси, не се само декларативна промоција на политичка волја за битка со криминалот, туку се реалност“, рече тој.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во обраќањето рече дека ова е најсовремената форензичка лабораторија на Балканот и дека ова е директна потврда за поддршката во пристапните преговори со Европската Унија.

„Во тек на долгогодишниот развоен процес, македонските форензички лаборатории постојано се модернизираат, а се имплементираат и меѓународни стандарди од областа на форензичкото работење. Во тој контекст, вреди да се напомене дека Одделот за форензички испитувања е акредитиран согласно барањата на меѓународниот стандард ISO 17025 за компетентно, непристрасно и доследно работење на лабораториите. Паралелно со опремувањето на форензичките лаборатории со современа опрема, зголеменото потпирање на научни докази бараше и соодветни просторни капацитети за целосно практично ефектуирање на надлежностите на лабораториите. Тоа е диктирано и од зголемување на обемот на работа во лабораториите, а во исто време и од воведувањето лабораториски операции кои се со зголемена сензитивност и прецизност“, рече Спасовски.

Целта на овој проект, посочи, беше изградба на нова зграда за потребите на Одделот за форензички испитувања, со потребните лаборатории, опремени со електронска контрола на пристап, специјални огноотпорни врати, аларми и апарати за гаснење пожар, видео надзор, заштитени прозорци, соодветен систем за вентилација, како и соодветни простории за складирање.

„Со новите простории се обезбедува доволен простор за складирање, третирање, обработка и архивирање на докази, што ќе овозможи правилно спроведување на оперативните процедури и системите за контрола во согласност со веќе дадените препораки, со што се утврдуваат основите за акредитација на лабораторијата според стандардите на ЕУ“, истакна Спасовски.

Европскиот амбасадор во земјава, Дејвид Гир, рече дека ЕУ обезбеди специјализирана форензичка опрема и ја финансираше изградбата на зградата во која е сместен овој Оддел, во вредност од 3.6 милиони евра.

„Овој проект е само дел од големата помош на ЕУ за полициските реформи. Што е една од најпредизвикувачките задачи што една влада може да ги преземе на патот кон интеграцијата во ЕУ. И тоа е дел од реформата на владеењето на правото – напредокот на кој ќе го одреди темпото на пристапување“, истакна Гир.

МИА

 

- Реклама -