Софија, 19 февруари 2022 (МИА) – Во Софија се одржува конститутивна конференција на граѓанското движење „За слободна Русија“, јави дописникот на МИА од Софија.
Организатор на конференцијата е Генадиј Гудков, кој четирипати беше пратеник во руската Дума и беше принуден да ја напушти Русија од режимот на Кремљ. На конференцијата присуствуваат руски опозиционери кои живеат во Полска, Чешка, Летонија, Литванија, Белорусија и Обединетото Кралство.
На учесниците на конференцијата им се обрати поранешниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев (2012-2017), кој рече дека му е драго што Бугарија е домаќин на ова движење, кое има за цел да ја врати Русија во демократијата. Тој изјави дека зад него има силни и моќни политичари и дека не ги прифаќа оние кои носат војски и окупираат територии од независни држави, зборувајќи за окупација на Крим.
Поранешниот шеф на бугарската дипломатија Даниел Митов им честиташе на учесниците на конференцијата и истакна дека целта е да се запре влијанието на режимот на Путин во Бугарија.
Атанас Славов од владејачката коалиција во Бугарија, од партијата Демократска Бугарија, ги поздрави присутните и наведе дека се залагаат за демократска кауза во Русија.
„Стратешкиот избор на Бугарија е да ги одржува односите со слободна, граѓанска и демократска Русија. Порано или подоцна Русија ќе биде слободна и демократска држава и дека Бугарија и Русија ќе бидат членови на слободното и демократско европско семејство“, додаде Славов.
Владимир Рижков, опозициски руски политичар и поранешен заменик-претседател на руската Дума, се вклучи директно од Москва, при тоа истакна дека денес во Русија има 1.000 политички затвореници, повеќе отколку во советско време и владеењето на Брежњев.
„Русија ќе страда многу ако режимот на претседателот Путин ја втурне Русија во конфликт со Украина и НАТО“, посочи Рижков.