Во вторник прва меѓувладина конференција во Брисел, Ковачевски ќе ја чита отварачката изјава на македонски јазик

Владата на денешната седница ги разгледа и ги усвои заклучоците кои денеска ги изгласа Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското Претседателство.

„Со ова, го отпочнуваме процесот на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија“, изјави попладнево премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на 60-тата владина седница.

Со денешната владина седница, рече тој, „заокружуваме уште еден објективно историски чекор за нашата земја“.

„Конечно, денеска ја имам честа да го најавам датумот за првата Меѓувладина конференција, која треба да се одржи веќе наредната недела, на 19 јули, во Брисел. Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности, кон кои се стремиме и ги посакуваме. И сето тоа, врз идентитет, кој ќе се гледа континуирано во сите европски центри. Ве повикувам на заедништво, на верба, на позитивен пристап, на оптимизам“, изјави Ковачевски.

„Денес отвораме нови перспективи за државата, нови можности за просперитет за граѓаните. Од овде, и од денес па натаму, одиме напред со забрзан чекор за да се приклучиме кон европското семејство во кое многу скоро и официјално ќе се чуе нашиот македонски јазик“, додаде тој.

Особена благодарност премиерот упати до вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи заедно со нивните тимови за, како што рече, нивната исклучителна посветеност при зачувувањето и унапредувањето на државните позиции во целиот процес.

Ковачевски, воедно, уште еднаш нагласи дека македонскиот јазик е загарантиран и дека нема да се преговара за идентитетските прашања, потенцирајќи, притоа, дека на 19 јули во Брисел, отварачката изјава ќе ја чита на македонски јазик.

Прочитајте и:  ЈСП ќе добие шест еколошки автобуси донација од ЕУ

„Поради оваа посветена работа ние денес имаме преговарачка рамка во која македонскиот јазик и идентитет се зачувани, историските прашања се надвор од истата, а ние сме веќе на чекор од одржувањето на првата меѓувладина седница која ќе го означи почетокот на преговори на Северна Македонија со Европската Унија“, оцени Ковачевски.

Денес, заклучи тој, „велиме ‘да’ за зачувување и зацврстување на македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура, историско минато, засебност и посебност и дома и насекаде во светот“.

„Ние велиме ‘да’ за развој на заедничка, мултикултурна, мултиверска, за граѓанска држава, интегрирана рамо до рамо со најголемите нации и држави во светот. Уште еднаш, јасно и гласно, цврсто сигурно, во име на Владата, сакам да ве уверам дека во целиот долгорочен процес, никој не смее и нема, во било кое време и околности, да преговора за македонските идентитетски прашања. Тоа не се работи за кои се преговара“, повтори Ковачевски.

Прашан дали доколку во текот на преговорите некоја држава ни го оспори јазикот и идентитетот ќе се повлечеме од преговорите, Ковачевски со став дека таква ситуација нема, бидејќи во преговарачката рамка, како што рече, јасно е наведено дека државата ги отпочнува преговорите на македонски јазик.

Прашан за Протоколот, Ковачевски рече дека е задолжен министерот за надворешни работи да ја информира Бугарија за заклучоците што денеска ги изгласа Собранието и најави дека медиумите во текот на денот детално ќе бидат информирани за целиот процес.

„Во текот на денот министерот за надворешни работи директно и подетално ќе ве информира во однос на целиот тој процес и граѓаните преку медиумите ќе бидат инфрмирани и за процесот и за содржината“, рече Ковачевски на прес-конференцијата во Владата.

Извор: МИА

- Реклама -