„Воинот на коњ“ ќе се вика „Александар Македонски“, ама грчки

Процесот на преименување и означување на спомениците како „споменици од хеленската историја“, т.е. споменици кои ѝ припаѓаат на античката грчка култура, е во тек, а кои споменици ќе подлежат на промена ќе се знае откако тоа ќе го утврди назначената комисија, соопшти владиниот портпарол Миле Бошњаковски одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција. Рокот за тоа, предвиден со Преспанскиот договор, е шест месеци, потсети Бошњаковски.

„Комисија ќе утврди кои се тие споменици. Некои се во центарот на Скопје. Тоа што тие го нарекуваат Воинот на коњ, јасно ни е на сите, а и на нас, уште пред половина година кажавме дека тоа ќе биде Александар Македонски, тоа што всушност е.

Меѓутоа, листата сè уште ја немаме за да кажеме. Во истиот момент кога таа историска комисија ќе ја заврши работата, кога ќе утврдат кои споменици се, целата листа на споменици кои што ќе добијат натпис дека се дел од хеленската историска цивилизација, наследство, на целиот свет, јавноста ќе биде информирана“, порача владиниот портпарол.

- Реклама -