„Војдан Чернодрински“ се подготвува за нова театарска револуција под слоганот „Смеј се и осмели се“

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ се подготвува за ново издание, кое ветува да донесе моќно визуелно решение и силна тема која ќе инспирира и обедини љубителите на театарот. Оваа година, фестивалот ќе ја истакне важноста на српот и перото како симболи на борба, обнова, креативност и слобода – концепти кои го опишуваат театарот каков што треба да биде.
Српот, традиционално поврзан со трудот и ритуалот на жетвата, нè потсетува дека театарот е глас за обнова и моќен исчекор кон промена. Од друга страна, перото влева леснотија и радост, симболизирајќи креативност и слобода на изразување. Овие два симбола ќе бидат во центарот на вниманието, создавајќи уникатно доживување за посетителите. Дизајн на постерот е на Ема Велковска.

Уметничката директорка на МТФ „Војдан Чернодрински“, Ана Стојаноска, изјави: „Се подготвуваме за новото издание мотивирани од претходното со желба да направиме уште подобро. Нашиот слоган ‘Смеј се и осмели се’ е посветен на секој театарски уметник кој се обидува да го гледа театарот низ двете навидум дијаметрално различни позиции: забавата и трагедијата.“ Фестивалот ќе понуди платформа за театарски уметници да ги истражуваат своите креативни граници и да ги споделат своите уникатни перспективи. Со акцент на храброст, преобразба и радост, „Војдан Чернодрински“ ќе биде место каде што театарската уметност ќе блесне во својата најчиста форма. „Ова е само почеток. Нека скокотка тоа што ќе следува понатаму“, додаде Стојаноска.

Подготвувајте се за едно незаборавно искуство во светот на театарот, каде што креативноста и слободата на изразување ќе бидат во прв план!

- Реклама -