Volkswagen up! – Светски автомобил на годината за 2012

Жирито, составено од 66 врвни новинари од 25 земји, со мнозинство гласови го прогласи Volkswagen up! за „Светски автомобил на годината за 2012“.

Volkswagen up! е градски автомобил кој своето деби го имаше во декември минатата година на Frankfurt Motor Show 2011. Уште на самиот почеток тој се докажа како популарен и ефикасен автомобил: организацијата за заштита на потрошувачите Euro NCAP му додели на up! максимални пет поени, а исто така освои и “Награда за иновација” за својот систем за сопирање во итни случаи при градски услови.

Се работи за интересен мал автомобил со три врати чија идеја влече корени уште од концептот од 2007 година. Автомобилот има компактни димензии: 3,54 метри должина и меѓуоскино растојание од 2,42 метри, но приспособен за четири седишта во внатрешноста.

Кога сме веќе кај ентериерот, автомобилот доаѓа со багажен простор од 250 литри. Критичарите оценуваат дека во него има речиси исто толку место како кај сегашното Polo, што покажува дека надворешниот изглед може да ве излаже дека се работи за минијатурен и неудобен автомобил.

Автомобилот располага и со најнова електроника, па дури и со сателитска навигација која можете да ја контролирате од дисплејот на допир, од каде можете да ја следите и потрошувачката на гориво. Погонот кај Volkswagen up! го обезбедуваат два бензински мотора: 1-литарски три-цилиндричен бензински мотор од 60 КС и еден со 75 КС.

И двата модела се со преден погон, додека за трансмисијата се грижи петстепен рачен менувач. Ваквата комбинација овозможува максимална брзина од 160, односно 171 километри на час, и спринт до стотка за 14,4; односно 13,2 секунди за посилната варијанта.

Во поглед на потрошувачката, Volkswagen up! има просечна потрошувачка од 4,5 (4,7) литри на 100 километри, а на посебно барање на клиентите, достапна е високоеколошката технологија BlueMotion. Исто така, up! има доста ниско ниво на штетни издувни гасови од 105, т.е. 108 грама CO2.

Во поглед на безбедноста, up! е опремен со најсовремени системи за безбедност, за што говорат и многубројните освоени награди на ова поле, за неговото, релативно кратко постоење. Покрај споменатата награда за “Светски автомобил на годината за 2012”, престижниот “iF – институт за дизајн на најмалиот автомобил на Volkswagen му ја додели “iF – златната награда за дизајн”, потоа ја добива наградата “Златен волан” во Германија и уште три награди кои беа доделени од страна на британското автомобилско списание What Car?: “Автомобил на годината”, “Градски автомобил за 2012 година” и “Награда за безбедност”.

Објавено во соработка со Емитер.

- Реклама -