Многумина развлекоа насмевка на занимливиот факт од насловов, објавен од шведскиот производител Volvo со цел да се пофали колку се нивните автомобили безбедни.
Звучи неверојатно, но вистина е, барем во Велика Британија. Откако стигна во продажба пред 16 години, шведскиот модел Volvo XC90 нема „одземено“ ниту еден човечки живот. Зборуваме за повеќе од 50.000 продадени SUV примероци на Островот, и ниту еден кој учествувал во сериозна сообраќајна несреќа со фатален исход.
Со оваа статистика Volvo ја осигура титулата за најсигурен модел на британскиот пазар, а паралелно и ја зацврсти репутацијата на најбезбеден производител. Тоа е потврдено и од EuroNCAP, според чии резултати, помалиот SUV модел Volvo XC60 лани беше најдобро оценет.
Според Thatcham Research – британска независна организација, Volvo XC90 е најбезбедниот автомобил што некогаш го тестирале, а најголем дел од заслугите му препишуваат на системот за автоматско кочење, пренесува Telegraph.
AEB (Automatic Emergency Brake) системот се смета за најважниот новитет во историјата на автомобилите, од безбедносните појаси наваму. Се проценува дека во следната деценија, само на британско тло, ќе спаси околу 1.100 животи.
Сé на сé, статистикава е одличен вовед за во 2020-та година, годината во која, како што најавија од самиот автопроизводител, веќе нема да се гине во Volvo. Компанијата тоа го вети во 2008, и еве, до ден денес добро им оди во исполнувањето.