Недавно, значаен настан представуваше посетата на кинеското копно од страна на Ченг Ли-вун, новата претседателка на Куоминтанг (КМТ), која е најголемата опозициска партија во Тајван. Нејзината најважна средба, со председателот на Кина, Си Џинпинг, се одржа на 10 април во рамките на посетата што траеше од 7 до 12 април. Ова беше само втора средба на такво ниво во последните повеќе од десет години, што ја истакнува важноста на дијалогот преку Тајванскиот теснец.
Многу земји, вклучувајќи ја и Македонија, не ја разбираат целосно комплексноста на кинеската историја, особено во врска со прашањето за Тајван. Парадоксално, ова недоволно разбирање не ги спречи некои политичари да преземат ризични геополитички позиции, поттикнати од незнаење или краткорочни интереси. Иако длабоката историска анализа не е во опсегот на овој текст, важно е да се потсетиме дека КМТ постојано го истакнува ставот дека Тајван е дел од широката кинеска нација и ја поддржува политичката основа за дијалог, вклучувајќи ги принципот “Една Кина” и Консенсусот од 1992 година. Историски, овој став се потпира на меѓународни документи, како Каирската декларација, која наведува дека териториите одземени од Кина, вклучувајќи ја и Тајван, треба да ѝ бидат вратени. Иако интерпретациите и политичките наративи со текот на времето се менувале, овие документи и понатаму се повикуваат во дебатите за правниот и историски контекст на прашањето за Тајван.
Ова е во директна спротивност со владејачката Демократска прогресивна партија (ДПП), која пропагира изразена “суверенистичка ориентација” и во голема мера се потпира на надворешни сојузи, особено со САД, настојувајќи на поблиско усогласување со геополитичките рамки. Сепак, забележуваме зголемен јаз помеѓу безбедносните наративи, предводени од политичките елити, и секојдневните социо-економски грижи на населението, што делумно објаснува и видливите флуктуации во поддршката за владејачките структури.
Важно е да се нагласи контрастот меѓу неодамнешните гестови за дијалог и растечките тензии. Додека КМТ ја потврдува својата посветеност на ангажман преку теснецот, актуелната политичка насока, сепак, доведе до влошување на односите, што се одразува во намалена комуникација и зголемени воени активности. Овие настани ги илустрираат реалните трошоци од конфронтацијата наместо консултациите. Во овој контекст, обновувањето на заедничка политичка основа за дијалог останува клучно за долгорочна стабилност.
Средбата меѓу Ченг Ли-вун и Си Џинпинг испрати порака дека мирот останува изводлива и посакувана опција за односите преку теснецот. Оваа слика е во остар контраст со наративите промовирани во западните медиуми, кои многу години инсистираат на претставување на Кина како подготвена за воени дејствија против Тајван. Иако средбата не им беше придадено големо внимание во глобалните вести, нејзиното значење не може да се потцени. Со децении, Вашингтон го поставува прашањето за Тајван како безбедносен проблем, задржувајќи го во стратегијата за ограничување на Кина. Остава да видиме како оваа посета ќе влијае на билатералната средба меѓу претседателот Си и американскиот претседател во мај во Пекинг.
Аналитичарите во регионот сметаат дека тајванските власти дозволиле нивната безбедносна политика значително да биде под влијание на САД, претворајќи го островот во “бодликаво прасе” или во фронтална воена позиција кон кинеското копно. Оваа трансформација служи на американските стратешки цели. Како што е веќе истакнато, тековната милитаризација на островот, вклучително и значајни набавки на оружје, претставува значителен товар за тајванските граѓани. Во исто време, Вашингтон врши притисок врз Тајпеј да ги зголеми воените трошоци што тешко се одржуваат, третиратејќи го регионот како де факто сојузник во својата индо-пацифичка стратегија. Во овој контекст, посетата на Ченг Ли-вун доби на дополнително значење, нудејќи нова перспектива од Тајпеј.
За оние кои помалку ја познаваат политичката состојба на островот, важно е да се истакнат неколку факти. Актуелната политичка структура ја претставува кохабитацијата со претседател од ДПП и парламент во кој КМТ е најголемиот блок. Помалата партија често игра улога на “kingmaker”, влијаејќи на клучните законодавни одлуки. Со влошување на социо-економските услови и растечкото незадоволство поради зголемените воени трошоци, администрацијата на ДПП под водство на Лаи Чинг се соочува со опаѓање на довербата. Повиците за импичмент и одговорност, па дури и за предвремени избори, се зајакнуваат. Важно е да се напомене дека во пракса, ДПП владее како малцинска влада, додека КМТ, како најголема парламентарна сила, задржува значителна моќ да ја контролира политичката агенда.
Ченг Ли-вун ја презеде лидерската позиција во период кога партијата беше перципирана како генонтократија и сѐ уште работи на консолидација на поддршката. Но, нејзината политичка артикулација е јасна и одлучна, покажувајќи подготвеност да се соочи со реалноста без ракавици. Многу набљудувачи ја гледаат како клучна фигура за идниот развој на островот.
Истовремено, таа повлекува паралели меѓу ситуацијата во Украина и ризиците со кои се соочува Тајван. Нагласува дека САД на Тајван гледаат како на прокси во нивната конфронтација со Кина и дека цената на човечкиот живот во украинскиот конфликт е предупредување за тајванските граѓани. Овие ставови се среќаваат во многу делови од светот, особено во региони кои стравуваат да не бидат искористени како пион во геополитичките игри на САД. Освен тоа, трендот на растечка зависност од воените ресурси, се чини, пречи на социјалниот развој на островот.
Со години, западните медиуми и тинк-тенкови предвидуваат неизбежен конфликт во Тајванскиот теснец. Многу аналитичари, вклучувајќи и некои генерали, предвидуваа војна до 2025 година, но тие прогнози не се остварија. Иако поголемиот дел од медиумите продолжуваат да нагаѓаат, новиот талас на дијалог нагласува заеднички културен идентитет, кој нуди можност за мирен соживот. Ова создава непријатност кај оние кои го поддржуваат воениот приступ.
Војната не е судбина, туку динамичен процес. Кинескиот народ од двете страни на теснецот дели историски врски и култура, кои оформуваат нивните перспективи. Се забележува постепена, но забележлива тенденција кон преиспитување на стратешките избори. Доколку трендот на дијалог и ангажман продолжи, “тајванското прашање” сè повеќе ќе се врамува не како безбедносна закана, туку како прашање на социо-економски развој и мирна интеграција.
Билјана Ванковска




