Возач на камион сведок на несреќата во која загина Жота – „Знам што видов, сакам семејството да биде информирано…“

Трагедија во сообраќајот: Загинаа фудбалерот Диого Жота и неговиот брат

Тешка сообраќајна несреќа ја шокираше јавноста, при што животите ги загубија фудбалерот на Ливерпул и португалски репрезентативец, Диого Жота (28), како и неговиот помлад брат Андре Силва (26). Инцидентот предизвика многу прашања и загриженост во светот на спортот.

Според првичните полициски извештаи, постоеше сомнеж дека луксузниот Ламборџини Хуракан, со кој патувале браќата, се движел со преголема брзина. Меѓутоа, возачот на камион, Хозе Азеведо, се огласи во емотивно видео, укажувајќи на спротивното.

„Не возеле брзо. Имам чиста совест. Знам што видов таа ноќ“, изјави Азеведо, кој секојдневно патува на тој дел од автопатот А-52, близу до границата помеѓу Португалија и Шпанија. „Го снимив моментот на несреќата, застанав и се обидов да помогнам, но за жал, не можев ништо да направам. Сакам семејството да знае дека возеле нормално. Сè беше во ред со автомобилот. Патот е ужасен, темен и многу опасен“, додаде тој.

Според првичните наоди на форензичките експерти, постои основано сомнение дека причина за несреќата била пукање на гума на автомобилот, кој може да достигне брзини до 320 км/ч, додека браќата се обидувале да заобиколат друго возило. Автомобилот излетал од патот, се превртел и потоа се запалил, а пламенот се проширил на околната вегетација.

Несреќата се случила околу 00:35 часот, а браќата патувале кон Сантандер, со намера да уловат траект за Велика Британија. Според достапните информации, Диого Јота се опоравувал од операција на белите дробови, поради што му било забрането патување со авион.

Дополнително, само неколку часа претходно на истиот пат се случила друга тешка несреќа, во која беше повредена 60-годишна жена, кога и нејзиниот автомобил излетал од патот.

Полицијата продолжува со истрагата и анализата на трагите од гумите, а ќе се извршат и дополнителни вештачења за да се утврди со сигурност причината за несреќата што ја тресеше спортската јавност.