Времето во Иран: Каша-попара

Времето во Иран очигледно е пореметено, зашто истовремено врне снег, има песочни олуји и поплави. Заради временскиот хаос во последниве денови, отежнат е животот на повеќе од милион жители на северот и југот на земјата.

На пример, еден 40-годишник беше однесен од вода додека се обидуваше да направи селфи. Во половина од 31-те ирански провинции, школите се затворени. На северот – заради снегот, на југот – заради поплавите или песочните бури.

На некои места на северот, снегот достигна висина и од два метри. Стотина села се отсечени во повисоките делови, посебно во провинцијата Курдистан, источен Азербејџан, и Гилан.

На југот на Иран, силниот дожд предизвика поплави во Кузистан, Фарс, Керман, Хормозган и Систан-Балучистан. Во Керман попушти и земјената брана, што предизвика голема поплава во градот Џирофт, каде делумно се разурнати десетина куќи. Најмалку 15 села се евакуирани во областа, а мостовите се однесени од надојдената вода. На видео-снимките се гледаат надојдените реки, повеќе брани кои само што не се прелеани, и автомобили блокирани на патиштата.

На југозападот – песочни бури. Властите велат дека количината на песок во воздухот е 18 пати поголема од вообичаено, а високата влажност на воздухот предизвикува прекини во снабдувањето со струја и вода. Песочните ветрови доаѓаат од домашните пустини, но и од Ирак и Саудиска Арабија.

Жителите на реонот Ахваз повеќе пати протестираа, барајќи помош од владата. За помош на Кузистан се активираа и низа уметници и други познати личности. Дури откако помина недела и нешто откако почна кризата, владата најави мобилизација на сите расположиви средства за помош на жителите на областа.

- Реклама -