Вселенската станица паѓа на Земјата најрано во четврток, Македонија е во „ризичната“ зона

Кинеската вселенска станица Tijangong-1, која неконтролирано паѓа од Земјината орбита, во следните неколку дена ќе се распрска во атмосферата и ќе се претвори во куп вселенски отпад, со делови кои потенцијално можат да паднат и на копно, па дури и во населени подрачја.

Најновите прогнози ги објави непрофитната организација Aerospace. Предвидуваат дека вселенската станица ќе влезе во атмосферата околу 1ви април, со простор на варијација од 3 дена, што значи дека најрано можеме да ја очекуваме во четврток, на 29-ти март.

Огромната топлина и притисокот со кои ќе се соочи при влезот во атмосферата, ќе го разорат леталото кое тежи 9 тона, но можноста дека некои делови ќе „преживеат“ и ќе падната на земјата не е исклучена. Инженерот Бил Ејлор објаснува дека тоа е можно затоа што станицата е дизајнирана со заштитни слоеви.

Зошто е тешко да се погоди каде ќе падне?

Тијангонг-1 полета во вселената во 2011 година. Се работи за лабораторија долга 9 метри, која успешно ја обавуваше мисијата, а веќе има и свој наследник – Тијангонг-2.

Меѓутоа, во 2016-та Кина изгуби контрола над леталото, кое пак почна да ја губи висината. Брзината, насоката, висината, но и соларната активност – сé се тоа фактори врз база на кои се врши прогнозирањето, па поточни резултати ќе се знаат во наредните денови.

Сепак, предвидувањето на локацијата на евентуалниот контакт на деловите со површината на Земјата зависи и од низа непознати параметри, како разликата во густината на воздухот во горните слоеви на атмосферата (на што влијае соларната активност), како ориентацијата на леталото, точната маса и состав, но и точната локација и брзина.

Сепак, ако паднат, деловите би паднале во зоната широка неколку километри, која се наоѓа на работ на рабовите на подрачјето над кое леташе станицата. На сликата се означени со жолта боја, а Македонија, патем, како што ќе видите од сликата, е во средина на таа жолта „ризична“ зона.

Е сега, зошто цело време ова „ризично“ го ставаме во наводници. Затоа што можноста дека дел од станицата ќе преживее и ќе погоди во жолтата зона се милион пати помали од шансите да добиете на лото. Впрочем, во целата историја на вселенски летови (која за волја на вистината и не е така долга), никој досега не бил повреден од удар од некаков вселенски отпад паднат од орбитата.

Дури и некој дел од Тијангонг-1 да ја преживее атмосферата, шансите се најголеми дека ќе падне некаде во океанот. Да се потсетиме, океаните покриваат 71% од нашата планета.

- Реклама -