Закажан е втор концерт со македонската премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ на „Симон Трпчески и пријателите“, на почетокот на првото издание на интернационалниот музички фестивал „Скопје“. Поради големиот интерес и распродадениот прв концерт, камерниот оркестар „Ајга“ во соработка со „КултурОп“ одлучи да организира и втор настап. Концертот ќе се одржи на 31 март, од 20 часот, на големата сцена на Македонската филхармонија.
– По распродадениот прв концерт, кој е закажан за 1 април од 20 часот, а со оглед на програмскиот распоред на учесниците и достапноста на големата сцена на Македонската филхармонија, но и почитта кон веќе потврдените концерти на други македонски музички уметници, вториот концерт ќе се одржи еден ден порано, на 31 март – се наведува во најавата.
По исклучително успешната светска оркестарска премиера на проектот минатата година во, веројатно најпрестижната концертна сала во светот, „Музикферајн“ во Виена, заедно со оркестарот „Тонкунстлер“ од Австрија, под диригентската палка на нивниот шеф диригент маестро Јутака Садо, „Ајга“ ја претставува македонската, а наедно и балканска премиера на оркестарската верзија на проектот „Македонисимо“.
Оваа оркестарска верзија се базира на транскрипции на македонска традиционална музика од нашиот композитор Панде Шахов, во соработка со Симон Трпчески. Овој пат финесите на филигрански осмислениот и изведен проект, во оркестарското концертно исчитување нудат уште повозвишен приказ на богатството на македонската музичка традиција. За тоа на сцената на Македонската филхармонија ќе се погрижи квинтетот „Македонисимо“ (во состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки), заедно со камерниот оркестар „Ајга“, под диригентската палка на Ана Спасовска. Специјални гости на вечерта ќе бидат и Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.