Вучиќ: Реакцијата на ЕУ е срамна, а Курти е „терористичко ѓубре“, затоа Србија нема да учествува на Самитот во Тирана

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја критикуваше одлуката на косовскиот премиер Албин Курти да го постави Ненад Рашиќ за косовски министер за заедници и враќање. Вучиќ ја нарече Рада Трајковиќ, која беше поставена за советничка на Рашиќ, „српско ѓубре од дното на кацата“, додека на Курти му даде епитет „терористичко ѓубре“, јави дописникот на МИА од Белград.

„Изборот на Рашиќ, човек кој освои помалку од еден процент, како и на Рада Трајковиќ, која беше на неговата листа, покажува дека тие сакаат прогон, протерување и исчезнување на Србите на Косово и Метохија. И сега имам неколку работи да кажам, пред официјалното обраќање и средбата со Вархеји (најавена за утре), ако до тоа некогаш воопшто дојде“, изјави Александар Вучиќ во неговото телефонско вклучување во програмата на ТВ Пинк.

Тој додаде дека од Рашиќ и Трајковиќ „нема полоши“ и дека ја немаат довербата на Србите во Косово, „туку довербата на западните агенции и терористичкото ѓубре Курти“.

Тој ја нарече срамна реакцијата на ЕУ за именувањето на Рашиќ и нагласи дека поради ова српската делегација нема да учествува на самитот на ЕУ-Западен Балкан во Тирана.

„Никој од Србија нема да биде во Тирана на 6 декември, а вие доѓајте убаво, земајте дневници, патувајте како сакате, сите вие од Европа, сите вие од Западен Балкан, оговарајте за тоа како Србија е виновна за нешто“, рече Вучиќ.

Обраќајќи му се на Курти, Вучиќ му порача „да води сметка да не повреди ниту еден Србин, заедно со квислинзите што ги избрал“, бидејќи Србите заедно со државата Србија „ќе знаат како да одговорат“.

По ваквата срамна изјава на ЕУ, уште една во низата, Србија веќе нема никаква потреба да учествува на самити за Западен Балкан, порача и српската премиерка Ана Брнабиќ во соопштението на Владата. ЕУ или ќе ги почитува вредностите што ги пропагира, или Србија веќе нема да има потреба да учествува во оваа фарса, додаде таа во реакцијата на изјавата на портпаролот на ЕУ – Питер Стано, за именувањето на Ненад Рашиќ за министер во Владата на Косово.

Прочитајте и:  Стано: Нападот со интерконтинентална ракета врз Украина е сигнал дека Путин не е подготвен за мир

„Оваа реакција е срам за ЕУ. Чекавме да видиме што ќе рече Унијата за именувањето на Рашиќ и дочекавме уште една срамна изјава. Именувањето на Рашиќ не само што е против Бриселскиот договор, туку е против гласот на народот искажан на изборите, што е најважниот глас“, посочи Брнабиќ.

„Повторно прашувам – по 10 години Приштина не го спроведе Бриселскиот договор на кој ЕУ е гарант, откако годинава на Србите на Косово и Метохија им беше ускратено правото на глас, во два наврати, на што ЕУ реагираше со една реченица во Извештајот за напредокот, а после тоа со назначувањето на Рашиќ, Приштина продолжува да ја занемарува јасно изразената волја на српскиот народ на Косово и Метохија, и затоа ја прашувам ЕУ – каде се тие европски вредности, каде е демократијата, каде исчезна владеењето на правото?

Србија за првпат нема да присуствува на Самитот на ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 декември во Тирана“, порача на крај од соопштенеито српската премиерка.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, реагирајќи на именувањето на Ненад Рашиќ за министер за заедници во Приштина, изјави дека е од витално значење Приштина да ги почитува сите неопходни чекори при назначувањето министри кои ја претставуваат немнозинската заедница, пренесе РТС.

Тој во име на ЕУ ги повика двете страни да работат во согласност со обврзувачките договори за дијалог.

„Ги повикуваме двете страни итно да работат на враќање на косовските Срби во сите косовски институции, во согласност со обврзувачките договори за дијалог, а сите заинтересирани страни да се воздржат од каква било акција што би довело до зголемување на тензиите во и онака кревката безбедносна состојба“, нагласи Стано.

Извор: МИА

- Реклама -