Вучиќ: Србија е сцена на која преку посредници се води војна меѓу Истокот и Западот

Белград, 29 август 2022 (МИА) – Србија е сцената на која преку посредници се води војна меѓу Истокот и Западот, изјави денеска претседателот Александар Вучиќ, ден откако противниците на парадата на гордоста вееја руски знамиња низ улиците на Белград и носеа слики од рускиот претседател Владимир Путин, пренесува српската агенција „Бета“.

„Не можам да кажам дека тоа беше напад преку посредници, бидејќи таму имаше многу обични луѓе, но ако се поставува прашањето дали има конфликт преку посредници во Србија, несомнено постои еден – меѓу Истокот и Западот“, изјави Вучиќ.

Како што пренесува „Бета“, Србија е речиси целосно зависна од рускиот гас, купува оружје и од Русија, додека Кина инвестира многу во Србија, главно во рударството и инфраструктурата. Иако Србија во ОН ја осуди руската инвазија на Украина, таа одби да се приклучи на санкциите против Москва.

Прочитајте и:  Меркел: Ако Украина зачекореше кон НАТО во 2008, војната ќе започнеше тогаш и немаше да биде подготвена

„Се обидуваме да преживееме со што е можно помалку рани и лузни“, вели Вучиќ за Ројтерс, пренесе Бета.

Во врска со спорот меѓу Белград и Приштина за пререгистрацијата на возилата од српски на косовски регистарски таблички, за што рокот од два месеци започнува на 1 септември, Вучиќ вели дека не верува оти властите во Приштина сакаат „сериозен разговор или сериозен дијалог“, но цени дека веруваат оти можат да ги наметнат своите планови со поддршка на Западот

„Верувам дека оние земји кои ја штитат таканаречената независност на Косово ќе го убедат режимот во Приштина да не си игра со конфликтот во регионот, кој секако е полн со проблеми“, рече Вучиќ.

Тој додава дека во наредните недели се очекуваат дополнителни разговори и „шатл-дипломатија“ меѓу претставниците на ЕУ и САД, со цел да се реши проблемот со регистарските таблички.

- Реклама -