Белград, 2 јуни 2022 (МИА) – Српскиот претседател Александар Вучиќ, во Братислава за време на разговорите „ЕУ и Србија: Стратешко партнерство за иднината“, изјави дека не очекува нешто да се случи во поглед на евроинтеграциите на Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград.
„Ако некој нешто добие, тоа ќе бидат Украина, Грузија и Молдавија, но не верувам дека ќе има промени во статусот на Северна Македонија и Албанија, и ‘нема ништо да се случи’ со Србија и Црна Гора“, изјави Вучиќ, додавајќи дека има големи надежи за декември, до кога треба да се заврши домашната задача.
„Се надевам дека дотогаш ситуацијата во Европа ќе биде почиста, пред сè меѓу Берлин и Париз, тогаш ќе можеме да се надеваме на нешто“, рече Вучиќ.
Тој повтори дека главната стратешка цел на Србија е да стане дел од ЕУ, но дека има конкретни проблеми, меѓу кои е и Косово, наведувајќи дека вчера дал заклетва и укажал на потребата да се постигне компромисно решение со Приштина.
На прашањето „дали се усложнува ситуацијата околу доаѓањето на рускиот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров во Белград“, што медиумите го најавија за 7 јуни, Вучиќ за ТВ „Пинк“ во Братислава одговори потврдно.
„Станува комплицирано, дефинитивно станува комплицирано, сè уште не сум подготвен да зборувам за тоа, но да – станува комплицирано, прашање е како ќе дојде, ќе видиме“, рече српскиот претседател.
Зборувајќи за односите меѓу Србија и Русија, Вучиќ истакна дека Србија во Обединетите нации ја осуди руската агресија врз Украина, но дека тоа не им се допаднало на многумина од неговите гласачи не затоа што Србите не ги сакаат Украинците, туку затоа што српските граѓани се сеќаваат на 1999 година и НАТО бомбардирањето и затоа што оние кои денес се залагаат за неповредливост на територијалниот интегритет на Украина, тоа не го сториле во 1999 година.
Потврдувајќи дека Србија нема воведено санкции кон Русија, Вучиќ побара разбирање за политичката ситуација во која се наоѓа неговата земја поради поддршката на Русија и Кина за нејзиниот територијален интегритет, која може да ја загуби.
Запрашан за гасот, Вучиќ посочи дека Србија е целосно зависна од рускиот гас и ќе работи на диверзификација на снабдувањето со гас и дека ќе креира нова стратегија со ЕУ за да може да се снабдува преку трансанадолскиот гасовод ТАНАП.
„Затоа е важно да изградиме интерконектор за гас меѓу Србија и Бугарија, што треба да го направиме и со Северна Македонија, кога Србија ќе може поинаку да одлучува“, рече Вучиќ.