Вучиќ за Косово: Се залагам за територијалниот интегритет на Србија исто како што Западот се залага за тој на Украина

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека се залага за територијалниот интегритет на Србија во прашањето за Косово ни помалку ни повеќе туку исто како што Западот се залага за територијалниот интегритет на Украина.

Одговарајќи на новинарско прашање што ѝ останува на Србија како аргумент за продолжување на преговорите меѓу Белград и Приштина во моменти кога пораките се дека услов за членство во ЕУ е признавањето на Косово, Вучиќ посочи дека на западните претставници им станале омилени зборовите „територијален интегритет“ и дека и тој самиот го повторува истото за прашањето за Косово.

„Сиот жар со кој се залагаат за територијалниот интегритет на Украина и јас, дури и не со таков жар, туку со многу потивок глас, но со еднаква решителност, се залагам за територијалниот интегритет на Србија – и ништо повеќе и ништо помалку“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател додаде и дека првпат од германскиот канцелар Олаф Шолц слушнал дека признавањето на Косово се бара како услов за интеграција во ЕУ, бидејќи, како што нагласи, во официјалната европска преговарачка рамка тоа го нема, туку стои само „целосна нормализација на Белград и Приштина“, без да се спомне меѓусебно признавање.

„Наша работа е да се обидеме да преговараме за работи кои се нормални. Немаме проблем да преговараме за исчезнатите лица, рековме да ни покажат каде мислат дека има некој сохранет од Албанците, а ние тоа исто го бараме и за Србите, да ни дозволат да ги пребараме локациите за кои има сомнеж дека има закопано Срби. Подготвени сме да го потпишеме договорот за исчезнатите, знаеме дека мора да живееме еден до друг“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека ќе биде интересно на самитот на ЕУ – Западен Балкан на 23 јуни, бидејќи тогаш ќе се донесат важни одлуки за Украина, Молдавија, Грузија и Западен Балкан и дека никој за првпат не знае што ќе се случи. Како што рече, тој очекува Украина да добие статус на кандидат со пофалби, но и дека тоа треба да се потврди на меѓувладината конференција. Во однос на Македонија и ветото за почеток на преговорите од нашиот источен сосед, Вучиќ не верува дека ЕУ „ќе го скрши отпорот“ на Бугарија по ова прашање.

„Затоа што има многу проблеми, слични на Молдавија. Што се однесува до Западен Балкан, не сум сигурен дека ќе успеат да ја скршат Бугарија што се однесува до Северна Македонија и Албанија, иако ја заслужија таа одлука. Очекувам и жестоки критики на сметка на Србија и Косово и за невоведувањето на санкции против Русија“, рече Вучиќ.

Прочитајте и:  Мицкоски - Курти: Време е за решавање на економските прашања

Тој додаде дека сите овие прашања не се наивни и дека е несериозно да се потценуваат резолуциите на Европскиот парламент, Европскиот совет или Европската комисија.

„Но, што друго можеме да направиме, да го признаеме Косово?“, праша Вучиќ.

„Взаемното признавање“ на Србија и Косово за првпат се споменува во последниот усвоен извештај на Европскиот парламент за Србија, откако надворешно-политичкиот одбор на Европскиот парламент усвои најголем дел од амандманите на текстот, а во кои се бара поблиска усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, со посебен акцент на барањето Србија да воведе санкции за Русија, а се бара и нормализација на односите со Косово за да Србија го продолжи патот кон ЕУ.

Во усвоениот извештај за првпат експлицитно се наведува очекувањето за „взаемно признавање“ на Србија и Косово, односно дека од Белград и Приштина се очекува да потпишат правно обврзувачки договор заснован на меѓусебно признавање. Тоа е во согласност со директните и остри пораки за признавањето на Косово што ги изнесе германскиот канцелар Олаф Шолц при неговата неодамнешна посета на Белград и Приштина.

Владимир Билчик, постојан известувач за Србија во ЕП и автор на текстот, по гласањето рече дека негова желба е „по изборите во април 2022 година и руската агресија, нашите партнери во Србија да разберат колку е неопходно да се направи итен напредок на нејзиниот европски пат“. Тој додаде дека извештајот ја отсликува политичката реалност во Србија, со посебен фокус на важноста на тековните реформи и усогласувањето со политиката на ЕУ.

„Како известувач на ЕП, подготвен сум да работам заедно со новото раководство во Белград за да помогнам да се постигнат позитивни промени за европска Србија“, изјави тој.

Во извештајот, српските власти исто така се повикани да дејствуваат против глорификацијата на осудените воени злосторници и да стават крај на секоја реторика и дејствија што го поткопуваат интегритетот на соседните земји и ја загрозуваат регионалната стабилност и помирување.

Истовремено, Комисијата на ЕП изразува и жалење за континуираниот притисок врз судството и јавното негирање на меѓународните пресудите за воени злосторства, при што го повикува новоизбраното мнозинство да ги зајакне гаранциите за независност и ефикасност на судството како приоритетно прашање.

Изгласаниот извештај ќе се разгледува на пленарната седница на ЕП во јули, по што ќе добие форма на резолуција.

Во меѓувреме, денеска министерката за европска интеграција на Србија – Јадранка Јоксимовиќ, соопшти дека кластерот 3 нема да биде отворен во јуни во Брисел, затоа што Србија нема воведено санкции против Русија.

Извор: МИА

- Реклама -